Петрушевски и Давчевски со Награда за животно дело, Матеја Матева најволонтерка со над 200 часа хуманост
Објавено: 5 декември, 2025, во 12:54 часот
Во топлата атмосфера на Јуроп Хаус Велес, беа одбележани делата, упорноста и хуманоста на оние што стојат зад бројни активности кои ја прават заедницата посилна и похумана. Општинската организација на Црвен крст – Велес, по повод 5 декември – Светскиот ден на волонтерството упати искрена благодарност до сите волонтери кои секојдневно ја носат хуманоста како своја најсилна вредност.


Годинешни добитници на наградата за животно дело за 2025 година за долгогодишен придонес и равој на велешкиот Црвен крст ја добија Петре Петрушевски и Мирчо Давчевски, двајцата најискусни хуманисти кои повеќе од 40 години стојат зад бројни активности на организацијата.

Со повеќе од 200 волонтерски часови зад себе, благодарницата „Ангел Киров“ за најволонтер во 2025 година ја доби Матеја Матева.

На свеченоста им беа доделени признанија и Љубе Лазов, Кристина Костовска, Мартина Георгиевска и Лана Басаров, младите волонтери кои во текот на цела година се истакнаа со својот труд, посветеност и хуманост.


Велешкиот Црвен крст упати благодарност и до Здружение на граѓани „Акцијаши – Ветерани Велес“, Слободан Бошков и Лидија Пљакова. Овие повозрасни волонтери, здруженија и активни членови континуирано придонесуваат за посилна и похумана заедница.

-По повод Светскиот ден на волонтерството, го одбележавме денот посветен на сите кои со својата хуманост, посветеност и несебичност го прават светот подобро место. Во Црвен крст – Општинска организација Велес со гордост ги истакнавме волонтерите кои во текот на 2025 година оставија силен печат со својот труд, ангажман и искрена желба да помогнат. На сите добитници од срце честитаме, на сите волонтери им се заблагодаруваме. Да продолжиме заедно да го правиме светот подобро место, рече Орце Николов од велешки Црвен крст.
Инаку, вчеравечер беа одбележани и јубилејни 80 години од постоењето на Општинската организација на Црвениот крст Велес, која со децении претставува столб на хуманоста во заедницата.
Волонтерите се доказ дека за добрината не се потребни големи зборови, туку големо срце. Со секој вложен час ја потврдуваат вредноста на солидарноста и ја создаваат иднината што сите ја посакуваме.
Стефани Манева
