Пожарникарите бараат хидрантска мрежа во Велес, градоначалникот Колев ветува дека ќе почне да се поставува

Објавено на 24 декември, 2021 во 15:42

Приклучоци за хидранти треба да има на повеќе локации во градот. Оваа констатација повеќепати ја констатирал командирот на Територијална противпожарна единица Велес, Љупчо Лепидовски, за да им ја олесни потребата од полнење со вода во противпожарните возила на пожарникарите. Тоа е многу значаен момент кога се појавува голем пожар во градот чијашто конфигурација на терен е специфична. Во такви ситуации секоја секунда е значајна за да се стават под контрола огновите коишто пеплосуваат куќи, станови, деловни објекти, гаражи и слични објекти. Пред три дена го прашавме Градоначалникот Марко Колев зошто додека во моментов траат реконструкциите на водоводна мрежа на неколку велешки улици, не се поставуваат приклучоци за хидранти и не е ли можно тоа да се направи додека се раскопани и главните сообраќајници во центарот на градот.

– Има непокриени делови во градот со хидрантска мрежа. Во конслутација со ЈКП „Дервен“ и со стручните служби од пожарната извршивме увид и некаде можеме да поставиме хидранти но на некои места не можеме бидејќи притисокот на вода во одредени делови од градот е мал и во тој случај не може да профункционира хидрантската мрежа. Обично во тие делови на градот во наредниот период треба да се направи дополнителна реконструкција за да се зголеми капацитетот на дотур на вода за да може да се постават хидрантски мрежи, рече Колев.

Градоначалникот додаде дека тоа не може да се случи сега бидејќи во проектот со кои се реконструираат водовдните и канализациони мрежи, финансиран од Министерство за транспорт и врски, не се испланирани поставувања на приклучоци за хидранти. Колев додаде дека оваа суштествена потреба веќе ја иницирал првиот пожарникар во градот и за неа било разговарано со стручните служби во општината и преставници на Јавното комунално претпријатие „Дервен“. Според градоначалникот веќе имало одредено точни локации за поставување на приклучоци за хидранти кои во наредната година ќе бидат составен дел на нови проекти за да може за нив да бидат обезбедени финансиски средства.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.