Превентивна активност на СВР Велес во Кавадарци, се советуваа возачи на трактори и одговорни фирми за ученички превоз

Отсекот за превенција при Сектор за внатрешни работи Велес, вчера, реализираше превентивна активност на подрачјето на Кавадарци и на возачите на трактори и приколки им укажуваше дека треба да ги почитуваат законските одредби од Законот за возила особено во поглед на нивната техничка состојба.
-Со оглед на отпочнувањето на сезоната на берба на грозје, а со тоа и зголеменото користење односно учество во сообраќај на земјоделска механизација- трактори и приколки, се реализираше превентивна активност преку која на возачите на трактори и друга земјоделска механизација – им беше укажувано за почитување на законските одредби од Законот за возила, особено во поглед на нивната техничка состојба. Отсекот за превенција Велес, исто така, апелираше до сите возачи на оваа категорија на возила да бидат одговорни во сообраќајот, да ги доведат своите возила во исправна техничка состојба во поглед на светлосната сигнализација, како и уредите за управување и кочење, а се со цел безбеден сообраќај, соопштија од Министерство за внатрешни работи.
Покрај ова, Отсекот за превенција при СВР Велес во текот на вчерашниот ден, реализираше и превентивна активност со одговорните лица на фирмите кои го вршат ученичкиот превоз на подрачје на овој сектор за внатрешни работи, а во функција на непречено и безбедно превезување на учениците до нивните училишта и назад.
-На средбата на присутните превозници им беше укажано задолжително да ја проверуваат техничката исправност на автобусите и комбињата со цел учениците навреме и безбедно да стигнуваат до училиште и дома. Превозниците кои се избрани да ја извршуваат оваа обврска искажаа целосна подготвеност дека без исклучоци планираниот превоз ќе се одвива според договорената динамика и пред се безбедно, додаваат од МВР.
Дума.мк
