Работнички на велешка фирма „Олив пак“ преку протест бараат од сопственикот исплата на К-15, Ангелов тврди дека дел ќе добијат утре додека од Трудов инспекторат најавија надзор

Објавено на 3 јануари, 2022 во 16:48

Педесетина жени кои работат во фирмата „Олив пак“ денеска не влегоа во производствениот погон во индустриската зона кај велешко Башно Село. Наместо да продолжат да пакуваат маслинки тие застанаа пред  влезната капија и бараа од директорот Ивица Ангелов да им исплати регрес за годишен одмор. Неисплатениот К-15  ја прелил чашата со нивните работни проблеми, како што велат, откако пред новогодишните празници на средбата со работодавецот Ангелов им било соопштено дека нема пари за да го исплати овој законски додаток.

-Сите 50 вработени имавме состанок во вторникот на 28 декември, минатата година, и побаравме од Ангелов да ни исплати К-15. Ја баравме целата сума откако минатата година добивме само половина од законскиот износ. Тогаш го разбравме но сега не се сложуваме да не добиеме ниту денар. Ангелов категорично го одби нашето барање. Се оправдуваше со тоа дека немал пари. Ние не се сложивме и му кажавме дека бараме исплата на К-15, рече работничката Рената Јаневска.

Нејзината изјава ја потврдија поголем број од вработените. Тие денеска тврдеа дека ниту една од нив нема да влезе во погонот и да продолжи да работи додека Ангелов не им исплати К-15. Дел од работничките се жалеа на пет годишна исплата на плата пониска од минималната независно што работеле секоја сабота и секој празник.  

За прекршените работнички права работничките повеќе пати пријавувале во Трудова инспекција во Велес и во Државен трудов инспекторат.  Но трудов инспектор во погонот не дошол по нивните поплаки. Се сомневаат дека тогаш кога доаѓале најверојатно станувало збор за редовни контроли и тврдат дека инспекторите излегувале од фирмата со ќесиња со маслинки.

-Работиме под клуч. Картичка не сме чукнале на апарат. Но штом влегуваме внатре во погонот се става клуч на влезна врата. Сите сме гледале како инспекторите со кесиња полни со маслинки излегуваат од фирмата. Што говори тоа? По наше барање не можат да дојдат а кога доаѓаат тогаш со подароци си одат дома. Кој да не заштити?, додадоа работничките.

На обвинувањата на работничките за неисплатениот К-15 Дума.мк обезбеди став од директорот Ивица Ангелов. Тој негира дека нема да ја исполни обврската за исплата на регресот. Проблемот бил во тоа што немало  доволно средства на жиро сметката за исплата на целиот износ и додаде дека лон системот на работа што се спроведувал бил главната причина.

-Денеска подготвени  се документите за исплата на дел од К-15 според расположливите средства на жиро сметката на „Олив пак“ . Утре тие пари ќе ги добијат работничките на своите трансакциски сметки. За останатиот дел треба да се наплатат фактури па да се исплати. Фирмата работи лон систем. Работничките препакуваат количини на маслинки. Прво се испраќа пратката во странство а потоа се чека наплата на фактура за да се исплати и плата или во конкретниот случај К-15, рече Ангелов.

Директорот ги негираше обвинувањата на работничките дека немаат потпишано договори за работа и дека дел земале плата пониска од минимално загарантираниот износ.

Директорката на Државен инспекторат за труд, м-р Јована Тренчевска за Дума.мк потврди дека денеска во институцијата пристигнала преставката на работничките од велешки „Олив пак“ и соопшти дека по неа инспекторите ќе постапат.

-Државниот трудов инспекторат ќе постапи со тоа што ќе направиме надзор. Решението од надзорот јавно ќе го соопштиме. Исто така немам претставка за тврдењето на работничките за прекршување на службената должност на инспектори при контролите во оваа фирма. Доколку тие достават докази за злоупотреби на службена должност на инспектори тогаш инспекторатот ќе превземе мерки за сторените злоупотреби на службените лица, рече Тренчевска.

Таа, исто така, ги повика работничките на соработка и за собирање на докази за евентуалните прекршувања како на работничките права така и на службената должност од страна на вработени во инспекторатот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.