Лозарите на блокади чекаат поништување на продажбата на “Винеа“!
Долгот од 600 илјади евра што винарската визба“Винеа“ го има кон лозарите ги изнесе на протест. Денеска два часа го блокираа патот Росоман-Скопје-Прилеп.
Единствени се во своите барања. Судот да ја поништи продажбата на винаријата која е продадена за само 1.250.000 евра, иако била проценета за сума речиси двојно поголема и целосна исплата на нивните пари за грозјето дадено во визбата во 2009,2010, дел за 2011 и 2012 година.
“Има недоследности кои се појавија при продажбата. Тука сме да си ги бараме нашите пари. Ќе преговараме и со Министерството за земјоделство. Без решавање на нашиот проблем лозарите ќе бидат оштетени. Има и други визби кои сеуште не платиле за 2011 година. Винеа должи за 2009, 2010, дел за 2011 и 2012 година. Над 500 фамилии е направена неправда. Работеле а пари неможат да си земат.“ рече лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов нагласувајќи дека воопшто не им било важно на лозарите кој ќе ја има винаријата освен да им се исплатат нивните пари.
На протестот беа лозари кои имаат за наплата и по десетина илјади евра. Еден од нив е Воислав Стошиќ лозар од Сирково. Тој редовно го предавал грозјето во винаријата и сега побарува околу 12 илјади евра. Се пожали дека барајќи ја правдата на суд потрошил уште три илјади евра и со правосилни пресуди на Апелационен суд неможе да си ги земе парите.
Со продажбата на визбата не се согласува и нејзиниот сопственик Горан Трајков. Рече дека фирмата не била во стечај. Како пристигнувал прилив на средства им го исплаќал долгот на лозарите. Трајков очекува шанса од судот да си ја врати визбата, а потоа да го исплати долгот кон лозарите.
Производителите на грозје прашуваа како било можно визба што две години не го плаќала откупеното грозје и понатаму да добива лиценца за откуп.Токму дозволата од државата за откуп ги подлагала повторно да го предаваат грозјето во “Винеа“.
Владо Орданов сопственик на претпријатието АДО 95 од Роосман кој во изминатата година откупувал грозје во име на визбата има побарување од 900 илјади евра од кои само 300 илјади евра биле долг кон него. И тој вели дека најдобро е да се поништи продажбата, претходниот сопственик само така ќе му го плател долгот и нему и на лозарите.
Блокадите продолжуваат и утре. Според најавите од “Агротиквешија“ утре ќе започнат од 12 часот и ќе траат до 15 часот. Секој нареден ден времетраењето на протестот ќе се продолжува за еден час.