Штети од вчерашното невреме во велешко Кадрифаково и во Неготино
Регионалниот ЦУК Велес, извести дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 се добиени пријави за настанати штети од невремето во непосредна близина на село Кадрифаково. Поточно, од поројниот дожд и големата количина вода што надојде беше поплавен надвозникот кај селото додека на самиот регионален пат Штип – Свети Николе се насобраа големо количество гранки, ѓубре, наноси од кал и песок. Има и оштетување на патот од поројната вода којашто создаде голема дупка. На лице место увид извршија екипа составена од полицијата – Полициска станица Свети Николе, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, пожарникари на ТППЕ Свети Николе и раководител на ЦУК Свети Николе Тие останаа на местото се додека не се расчистија последиците од невремето, соопшти Центар за управување со кризи.
На 112 добиена е и пријава за удар од гром во Неготино, на улица „Пано Калајџиски“ и околината, со последици на прекин на електрична енергија и штети на уништени апарати во домаќинство. Интервенираа екипи на „ЕВН Македонија“ и дефектот е отстранет.
Центарот за управување со кризи следејќи ги информациите на УХМР, пренесува дека до петок, 28 јуни, ќе се задржи променливото, облачно и нестабилно време. При тоа на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен краткотраен пороен дожд, град, грмежи и силен ветер (над 60 км/час). На граѓаните им се препорачува да бидат внимателни пред и за време на локалните метеоролошки нестабилности.
Сите итни случаи да ги пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека корисно е да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Дума.мк