Стари казни испорачани деновиве на матични лекари, од здружението со остра реакција
Наместо награди за вложениот натчовечки напор во услови на пандемија на Ковид-19 инспектори на Фондот за здравствено осигурување им ги испорачале напишаните казни на матичните лекари од 2018 и 2019 година. Голем број од нив, деновиве, биле казнети со парични износи во висина од 15.000 до 25.000 денари само затоа што препишале лекови на пациенти што наместо супспецијалисти уролози и невролози, ги назначиле интернисти или психијатри. Казнети се лекари и за отворени боледувања. Ова денеска на новинарите им го соопшти претседателката на здружението на приватни лекари, Д-р Лилија Чолакова Дервишова.
-Реакциите се огромни од матичните лекари коишто изгинаа од работа во изминатите година и пол. Тие не ротираа, не земаа одмори. И наместо Фондот за здравствено осигурување да ја круниса завршницата со короната и сите проблеми коишто ги имаа нашите пациенти, матичните лекари наместо да добијат благодарам или награда, добија казни. Сметам дека не е направена некој позначаен прекршок и ако некогаш нешто било со опомена замолуваме овој пат во интерес на добрата соработка со Фондот, партнерскиот однос, казнената политика да се укине и да се смени, додаде Д-р Дервишова.
Претседатеката на здружението на приватни лекари го пренесе ставот на своите колеги за продолжување на Мораториумот на казнена политика што почнал да се практикува во 2018/2019 година и наместо казни, со фондот да се бараат можности и начини за унапредување на македонското здравство. Матичните лекари апелираат да се подготви новиот режим на лекови и новите правилници што досега тврдат дека како постапки од дамна требало да бидат започнати.
Тие сметаат дека е крајно време да се воведат повеќе фондови што ќе го амортизираат монополскиот однос на постоечкиот Фонд за здравствено осигурување. Исто така, заслужуваат поголемо почитување од страна на институциите како лекари од примарното здравство. И во исто време, ја потсетваат Владата дека не биле опфатени со ниту еден пакет мерки за што сега сметаат дека треба да се прифати зголемување на капитацискиот бод на 90 денари.
Стефани Манева