Свечено отворање на шеесетти „Рацинови средби“ во Велес
Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Кочо Рацин во паркот пред гимназијата што во Велес го носи неговото име во 18:30 часот и триесет минути подоцна пред споменикот во центарот на градот доцна попладнево започнуваат јубилејните, шеесетти „Рацинови средби“. Двете поклонувања пред ликот и делото на македонскиот великан ќе бидат пропратени со читање на поезија.
Годинава, свеченото отворање на културно поетската манифестација под мотото “Рацин – живот без компромис“ ќе се одржи во Спомен костурница со почеток во 20:00 часот. По положувањето цвеќе и поздравните говори, беседа за поетот и револуционер, ќе одржи д-р Васил Тоциновски. Потоа на писателот Блаже Миневски ќе му биде доделена наградата „Рациново признание“ за романот „Ако се родат некакви чувства“ и ќе биде изведен музичко сценски перформанс “Рацин – живот без компромис“.
Утрово од пред споменикот на Рацин, пред велешката гимназија, беа испратени ултрамаратонците на трката од Велес до Лопушник.
Годинава, јубилејните шеесети „Рацинови средби“ со бројни содржини на различни локации во родниот град на поетот ќе се одржуваат до четврток,15 јуни. Средбите ги организира Здружението на граѓани „Плус Публика“ со делегирани надлежности од Општина Велес.
Убавка Јаневска