СВР Велес со апел до мотоциклистите: Задолжително носете кацига и почитувајте ги сите правила во сообраќајот
Со покачување на температурите во летните денови, се поголем број на граѓани излегуваат со своите мотоцикли. Сектор за внатрешни работи Велес информира дека во изминатиот период има регистрирано поголем број на мотоциклисти по патиштата и улиците како во велешкиот така и во тиквешкиот регион.
Со цел да не се доведе во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, СВР Велес апелира до сите мотоциклиски задолжително да носат заштитна опрема поточно кацига и да ги почитуваат останатите правила.
-Задолжително да користат заштитна опрема кацига, да поседуваат соодветна возачка дозвола, редовно да ја проверуваат техничката исправност на моторите и навреме да ги регистрираат. Покрај ова ги советуваме возачите да не седнуваат на мотоциклите со необновени полиси за осигурување, посебно доколку станува збор за мопеди до 50 „кубици“, рече Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
За секој прекршок, учесниците во сообраќајот може да бидат касзнети со парична казна.
-Паричната казна за некористење на заштитни шлемови изнесува 50 евра, за управување на мотоцикл без возачка дозвола 250 евра, за истечена регистрација од 100 до 500 евра и за необновена осигурителна полиса 100 евра во денарска противвредност, додаде Самарџиев.
Инаку, СВР-Велес преку Отсекот за превенција започна со имплементација на превентивно едукативни работилници со помладата категорија на возачи на мотоциклисти во соработка со локалните совети за превенција при Општините Велес и Кавадарци, а во соработка со РСБСП реализираше и сообраќајно воспитни активности кои ќе продолжат во текот на целото лето.
Стефани Манева