Тропската горештина ги намали пешаците, метеж од автомобили на велешкиот асфалт а „вртат“ и возилата на Итна медицинска помош
Пешаци на тротоарите коишто се бројат на прсти наспроти метеж од автомобили на градскиот асфалт. Првите се претежно на млада и средовечна возраст додека нема возрасни и сограѓани деца. Излезените граѓани криејќи се, под сенките на тротоарите, брзаат да ги завршат обврските Вака изгледа Велес, во изминатите три дена, во временскиот период од 11:00 до 16:00 часот.
Возилата во централното градско подрачје се движат во колони. Меѓу нив забележливи се возилата на Итна медицинска помош. Станува збор за здравствени екипи за домашна посета. Според началничката на Итна медицинска помош, др Василка Поп Стефанова Панова од денешниот е четврти ден во кои се бележат зголемен број на интервенции на службата.
-Податоците кои се однесуваат на изминатите три дена, 11, 12 и 13 август, се дадени вкупно 186 здравствени услуги во амбулантата во Здравствен дом Велес. Тимовите од лекари и медицински сестри на терен издале вкупно 53 здравствени услуги како и извршиле 24 дневни теренски и 23 ноќни прегледи додека бројот од издадени услуги само од медицинска сестра изнесуваат вкупно 42. Најголем број на пациенти кои побарале помош се со хронични заболувања, покачен крвен притисок и болести на белодробни органи, додаде др Поп Стефанова Панова.
Според лекарката зголемен е и бројот на интервенции поради класична вирусна инфекција. Освен вообичаените совети за пиење на поголема количина на течности и задолжителна заштита од горештината ,која што е со високо УВ зрачење, исто така, лекарката препорача седење во разладени простории и внесување на лесна храна.
Убавка Јаневска