Украдени повеќе новонасадени садници од цвеќе во Велес
Јавното комунално претпријатие „Дервен“ на својот фејсбук профил објави фотографии на коишто се гледаат празни дупки во новопставените жардињери на три локации во градот и објаснуваат дека се украдени новонасадени садници од цвеќе. Поточно, трите локации кадешто се украдени цвеќињата се пред главната пошта во градот, потоа цвеќињата насадени околу фонтаната кај Авона и цвеќињата во ново поставените жардињери во центар.
Од ЈКП „Дервен“ апелираат за повисока свест кај граѓаните за заштита на животната средина.
Инаку, жардињерите беа поставени на 6 октомври, годинава со цел есенско разубавување на градот од страна на комуналното претпријатие и Општина Велес. Поставени беа 13 жардињери со различни видови на зимзелени и листопадни растенија и сезонско цвеќе кај зградата на Македонски пошти, девет жардињери кај кружниот тек Авона со љубичици и 11 жардињери пред СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ со хризантема и љубичици.
Исто така, обновени со сезонско цвеќе беа и жардињерите на кривината кон Градската болница, кај фонтаната на кружниот тек Авона, на влезот на Младински парк кај црквата, долж паркингот во центарот на градот и на улица Димитар Влахов.
Стефани Манева