Уште една жена од Кавадарци измамена и ограбена, овој пат од лажен Јавен обвинител
Шеесет и две годишна жена од Кавадарци била измамена од страна на лажен Јавен обвинител којшто и се претставил дека е од Скопје и и соопштил дека против нејзиниот син наводно се води судска постапка. Со цел да му помогне на синот во судскиот процес од неа побарал 300 евра.
Жената му соопштила дека ја нема сумата која што ја побарал и му понудила 12.000 денари по што лицето се согласило и побарало од неа парите да му ги пушти по такси возило во Гевгелија. Откако парите биле земени, лажниот Јавен обвинител од Скопје, целосно го прекинал контактот со жената.
Кавадарчанката случајот го пријавила вчера, во 10:40 часот во ОВР Кавадарци.
Од Сектор за внатрешни работи Велес соопштија дека се работи на расчистување на случајот и по целосно документирање ќе следи соодветна пријава.
Инаку во текот на вчерашниот ден беше пријавено дека на сличен начин е ограбена и измамена 73 годишна жена од Кавадарци на којашто и биле одземени 100.000 денари и 450 евра.
Стефани Манева