Одбрана таинствена околу плановите за Офицерски во Велес!
Сеуште е неизвесна состојбата со Офицерски, брифираат од министерството за одбрана. Случајот е во рацете на извршителот кој што има задача да го иссели корисникот на објектот. Во Офицерски има предмети кои не му припаѓаат на министерството па постапката за примопредавање сеуште трае, напишаа од одбрана за дума.мк.
Вака одговори службата за односи со јавноста на новинарско прашање што во иднина планира министерството со објектот кој се наоѓа во центарот на Велес. Министерот Фатмир Бесими при посетата на касарната „Алексо Демниевски Бауман“ не прифати да одговара на прашања на оваа тема.
Велешката чаршија веќе шпекулира со информации за што ќе биде наменет Офицерски. Планови за него има и општината од каде до министерството е испратено барање за трајна сопственост над објектот. Градоначалникот Горан Петров рече дека доколку министерството и го даде на општината на користење тогаш ќе и направи финансиски товар. Затоа подобра варијанта за неа би било Офицерски да го добие како подарок.
Четири месеци, откако извршителот ја спроведе судската одлука со која објектот му беше вратен на министерството, тој сеуште е пломбиран. Сликата особено е грда во вечерните часови кога граѓаните се соочуваат со темнина минувајќи го овој дел од најфрекфентната улица “Благој Ѓорев“. Велешани очекуваат дека објектот набрзо ќе профункционира бидејќи беше култно место за многумина чиј ден почнуваше со пиење кафе во дворот.
