Изгоре стан во социјална зграда во комплексот Тунел!

Објавено на 14 декември, 2012 во 14:33

Пожарот избувнал ноќеска еден час по полноќ а поради чад и страв надвор избегале сите станари од четириесет и петте стана во зградата.

Пожар и го пеплоса ноќеска станот на велешанката Лидија Панова. Огнот изгоре се што оваа жена имала од мебел и гардероба. Поради поларниот студ таа околу полноќ го запалила ќумбето а искра од него најверојатно ја запалила фотељата и потоа горело се што имало во станот. Лидија вели дека веднаш штом го забележала димот излегла надвор и со викање барала помош. Таа призна дека била невнимателна.

„ Сега веќе не барам од никого помош но, не излегувам оттука и барам работа. Не сакам децата да ми се потресуваат, имам ќерка живееше во детско село сега е во младински центар во Скопје и син затоа не сакам да ми се нервираат децата и не излегуват од станот. Само во сандак ќе ме изнесат од тука,“ рече низ солзи Лидија Панова.

Пожарот брзо се проширил низ еднособниот стан на Лидија. Со чад се наполниле ходниците во зградата а преку оџакот чадот излегувал и во останатите 45 станови. Тоа создало голема паника кај станарите. Тие ноќеска избегале надвор од зградата. Соседка на Лидија, од четвртиот кат во социјалната зграда, рече дека едвај успела од задушување да си ги спаси трите деца.

„ Се разбудив и видов дим во собата, ги разбудив децата набрзина ги облекував а тие слушаа како другите соседи бегаат и почнаа да плачат. Ги смирував иако и мене ме фати паника. И воопшто не беше лесно, почна чадот да пече на очите и во грлото. Јас знам како успеав да се симнам до долу со три деца,“ рече соседка на Панова

Соседите ги повикале пожарникарите. Станот горел и насекаде имало чад кога седуммината пожарникари почнале да гаснат. Биле вклучени две противпожарни возила. Со гаснењето прво биле изолирани двата соседни стана на приземјето во зградата. Паралелно се гаснел огнот во станот на Панова кој бил полн со смет.

„Станот е запален од невнимание на сопственикот, поточно од ќумбето и од опушоци од цигари. Во станот подолго време немало струја, била исклучена, а внатре имаше многу стара гардероба, собирана од улица како и лесно запаливи предмети како пластика што жената ги собирала од контејнерите,“ рече командирот на Против пожарната единица Љупчо Лепитковски.

Во овие станови живеат граѓани кои му плаќаат кирија на ЈП за стамбен и деловен простор. Има млади брачни парови но, повеќето се социјални случаи.  Тие откриваат дека  Панова собира пластика по улиците, дел ја носи дома а другиот го продава за да преживее.

И додека Лидија е уплашена дека ќе остане без покрив над глава, соседите се плашат дека таа може повторно да предизвика пожар и да им го загрози животот.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.