Единствениот велешки шапкар е нападнат од новите модни трендови
Богдан Петров и покрај староста и конкуренцијата не се откажува ќе шие капи додека може, ама наследник нема.
Пред машината за шиење го минува секој пензионерски ден Богдан Петров кој е последниот шапкар во градов. Има диплома за кројач, ама изработката на шапки пред 7 години го пленила и од тогаш изработува секакви, за зимо за топлење, летни за сенка.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=uDrpw-U8Ooc&feature=youtu.be{/youtube}
„Ножиците, штоф и шаблон треба да имаш оти капава без шаблон не можеш да ја направиш. Можеби креаторите би можеле они имаат факултети, школи такви завршено, ама јас или другиве шивачи не можеме да ја направиме, мораме да имаме теркче“ вели, Богдан Петров.
Ги продава на тезга на пазар, но вели се поректо има муштерии. Не купуваат рачно изработени туку готови увозни, а голема конкуренција му се наушниците. Се сеќава на минатото кога имал рекордна продажба во еден ден.
„Па пред 6 – 7 години се трошеа додека не беа навлезени увозните капи. Едно време имам продадено пет капи. Беше баш пред Божиќ, си дојдов баш и на жената и велам, не бери гајле жено, празникот го направивме, пет капи продадов по 200 денари, немај гајле сега“ вели Петров.
Има 81 година, вели му натежнала староста, но не се откажува од занаетот кој му ја олеснува осаменоста откако останал без сопругата.
„Се осеќам здрав и мака немам. Одам, шијам, стојам на тезга, не ми е проблем. Има полно луѓе пријатели стекнав со капите, ќе купи муабет, ќе направиме, утре ќе ме сретне ќе ме поздрави ио така со полно муштерии се спријателив“, вели шапкарот
Но мајстор Боце, нема кој да го наследи. Подготвен е да ги учи помладите, ама до сега не се јавил кандидат за чирак.
„До сега никој да ми рече мајсторе или Боце, дај покажи ми како се прават. Нема кој да го продолжи. Еве јас 81 година сум што знам утре може ќе умрам, ќе нема човек кој да направи капа“ , вели Петров.
Боце е последниот шапкар во Велес, откако неговите двајца колеги неодамна починале. Не испрати со надеж дека ќе му помогнеме во потрагата по наследник на занаетот, оти како што вели град без шапкар не бива.