Велешки Основен суд доби предлог за стечај на „Колска“ со понуда за Реорганизација од струмичка фирма со италијански партнери
Основен суд Велес, во четвртокот на 27 декември, годинава, прими предлог за отварање на стечајна постапка со постапка за реорганизација од должникот Друштво Фабрика шински возила ДООЕЛ Велес. Предметот е распределен кај стечаен судија којшто по испитување на неговата уредност, ќе треба да постапи согласно одредбите од Законот за стечај. Тоа значи дека по околу 15 дена од приемот ќе треба да се изјасни дали ќе го прифати Прелогот за отворање на стечајна поднесена од в.д управителот,Стефан Амбарков, назначен од Влада со задолжување да ја отвори и заокружи предстечајната и стечајна постапка во фабриката за шински возила „Колска“.
Како што дознава Дума.мк на објавениот Јавен повик за прибирање писмени понуди од страна на „Колска“ за заинтересирани правни субјекти за надминување на тешката финансиска состојба, на 5 декември, годинава, пристигнала само една понуда со предлог Програма за реорганизација од понудувач поточно санатор. Станува збор за Друштво за трговија, производство и услуги „ТРЕНИ БАЛЦАНИ ОЦЦИДЕНТАЛИ“ ДОО Василево. Сопственик на оваа македонска фирма со италијански партнери е Ѓорги Трајанов.
Дума.мк стапи во контакт со Трајанов и доби потврден одговор за преложениот План за реорганизација во којшто ДТПУ „ТРЕНИ БАЛЦАНИ ОЦЦИДЕНТАЛИ“ ДОО Василево нуди подмирување на обврските кон доверителите во висина од еден милион евра, поточно кон Управа за јавни приходи за неплатените придонеси на работниците, како најголем доверител , на три рати, заклучно со 31 декември 2027 година, како и кон поситни доверители, задржување на работа на 50-те работници со ветување за зголемување на бројот од најмалку 100 работници поради потребите на инвестицијата што планира да ја вложи од вкупно 10 милиони евра со намена за отворање на нов погон за производство на делови од „механика на возови“ со италијански партнери. Во Планот што Трајанов го понуди напишал дека ја превзема и обврската за обештетување на пензионерите.
Единствената забелешка на основната синдикална организација на ССМ во „Колска“, за што претседателот Тони Арсовски не го ставил својот потпис на понудениот документ од страна на ДТПУ „ТРЕНИ БАЛЦАНИ ОЦЦИДЕНТАЛИ“ ДОО Василево, е временскиот период на подмирување на обврските кон најголемиот доверител поточно Управа за јавни приходи.
-На синдикалната организација не и се допадна единствено одложеното подмирувањето на обврските кон Управа за јавни приходи. Плаќањето на обврските, во три рати и времетраење од три години, за нас, работниците значи дека ќе бидеме заложници на оваа државна институција, рече Арсовски.
Сојуз на синдикати на Македонија во постапката гледа надеж за конечно решавање на повеќе деценискиот проблем со велешка „Колска“. Сепак, претседателот Слободан Трендафилов е внимателен и категорично потенцира дека задржувањето на работа на сите работници, обезбедувањето на континуирана работа, исплата на редовна плата согласно закон и колективни договори како и почитување на правата на работниците, се приоритети на интерес кои ССМ постојано ќе ги набљудува.
Убавка Јаневска