Интересни размислувања за љубовта имаат децата од градинките!
Денеска го прославија денот на вљубените подарувајќи си прегратки и насмевки.
Со многу прегратки, фатени за раце, весели и распеани децата од градинките „Димче Мирчев“ го одбележаа денот на вљубените. Цел месец се подготвувале, твореле и за тоа како ја разбираат љубовта напишале пораки кои ги закачија на дрво во холот на градинката.
„За мене љубов е кога се дружам со моите другарчиња. Најмногу ги сакам мама и тато. Дружбата со другарите и воспитувачката најмногу ги сакам“, беа само дел од пораките на дечињата.
Заедно со децата од основното училиште Васил Главинов, од село Иванковци како и Здружението на лицата со церебрална парализа правиме дружење под мотото „Растеме со љубов“, вели директорката на градинките. Според неа доказ за тоа дека децата се добро згрижени е новата занимална која ја опремиле преку проектот Сите за децата во кој учествувале родителите, вработените и граѓаните.
„Сакаме да и покажеме на целата заедница дека децата од детската градинка растат со љубов, која секојдневно ја добиваат од персоналот и родителите. Како резултат на проектната активност што се спроведуваше во декември имаме реновиран простор, рече Анида Цецева, директор на градинките.
Но, од градинката велат дека ова нема да биде единствената занимална што се реновирала. Следна на ред е во објектот кај училиштето Св. Кирил и Методиј која би требало да биде готова следниот месец. /Б.Н