Не местат инспектори од ДБК, обвинетите за платено убиство ги обелоденија имињата!
Велешкиот суд одби инспекторите да сведочат во случајот за убиството на старец од селото Ореше.
Шестмина инспектори од кој двајца од Велес не местат дека сме убијци, велат браќата Ѓоргиеви, обвинети во случајот платено убиство на старец од селото Ореше. Одбраната побара и тие да сведочат во судскиот процес, но велешкиот суд не дозволи.
„Само сакам да ве прашам, како можевте да немате ни грам доблест, па ни го прававте ова. Јас тврдам дека за пари не местат, а тоа најдобро може да го каже Вељо Арсовски што зема пари од нив. Открив матни работи за нив и за тоа ми го прават ова“, рече Љупчо Ѓоргиевски, обвинет.
„Ние побаравме инспекторите кои ја воделе истрагата од ДБК и од одделението за заштитени сведоци да бидат сведоци, бидејќи се споменувани до сега и од Вељо Арсовски и од поранешниот заштитен сведок Златко Арсовски. Моравме да ги слушнеме и нивните ставови за да видиме кој ја говори вистината. За тоа се боревме пет години, но судот не прифати“, рече Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на обвинетите.
Вељо Арсовски кој беше посочен дека посредувал меѓу поранешниот заштитен сведок и инспекторите негира било каква поврзаност со местењето. Денеска се соочи со Златко Арсовски, кој се откажа од заштитата, но демантираше се што тој кажа на претходното рочиште.
„Јас не ги познавам овие луѓе, не ги знам нивните имиња. Не е точно она што го тврдеше заштитениот сведок дека сум му дал готова изјава напишана од инспекторите за тој да ја каже на суд, а во која ги посочува браќата Ѓоргиеви дека се платени убијци, најмени од Ѓоре Петревски“, рече Вељо Арсовски
Инаку сега судот ќе бара психолошка анализа од вештаци врз Златко Арсовски. Тоа ќе треба да помогне во утврдувањето што од она што сведочеше е вистина. Дали првата изјава во која ги обвинуваше браќата Ѓорѓиеви за убијци и Петревски за нивен најмувач или пак втората изменета изјава во која велеше дека се што кажал е лага, а тоа го правел бидејќи инспекторите од ДБК му ветувале пари.
„Јас не знам што е вистина, но барам вистинските убијци да се откријат и да лежат во затвор. Се разбира не би сакал да страда некој што е невин“, рече Ацо Милошевски, син на убиениот старец.
Следното рочиште е закажано на 21 февруари, кога ќе се ислушаат вештаците.