Хуманитарната акција заврши а сеуште има интерес кај велешани за донации за граѓаните во Србија и БиХ
Трет камион со помош за настраданите во поплавите денеска од Велес тргна за Скопје. Помошта се состои од 2650 литри вода, 330 килограми храна, 260 килограми хигиенски средства и 60 килограми бебешка храна. Од општинската организација на Црвен крст велат дека акцијата за собирање помош завршила пред два дена и не се знае дали ќе продолжи.
„Акцијата заврши на 31 мај, но не се знае дали ќе продолжи и се зависи од потребите на граѓаните во полавените подрачја. Ние ќе бидеме во координација со централата на Црвен крст во Скопје и според нивните инструкции ќе постапуваме во иднина“, рече секретарoт на ОО на Црвен крст Велес Миле Маџаров.
Иако акцијата заврши, велешани се уште сакаат да донираат и да им помогнат на настраданите граѓани, велат од Црвен крст. Тие континуирано се јавувале за да дознаат каде можат да ја донираат својата помош.
„Граѓаните постојано се распрашуваат каде може да ја достават својата помош во храна или облека. Исто така и поединечни фирми се интересираат како можат да донираат помош, рече Маџаров.
Во хуманитарната акција беа вклучени голем број млади и возрасни волонтери. Тие и граѓаните кои донираа уште еднаш ја потврдија хуманоста и нивната големина./Д.С
