На есен, четириесет француски средношколци во Велес
Четириесетина средношколци од Шербур, град во областа Долна Нормандија, во Франција во септември ќе пристигнат во Велес. Ќе седнат во ученичките клупи на велешките училишта, ќе следат настава што ќе ја држат професорите Македонци, ќе се дружат со своите врсници, ќе разменуваат искуства и ќе ги запознаат културно историските споменици во Велес.
Француските средношколци се дел од проектот со кој пријателски мостови градат Велес и Шербур. Двата града, збратимени пред пет години, ја продлабочуваат и прошируваат првичната соработка.
Неделава во Велес престојува преставник на општина Шербур и три професорки од средни училишта. Тие дојдоа за да се запознаат со своите колеги и со образовниот процес во Македонија.
„Ова ќе биде одлична можност за учениците од Шербур. Тие не само што ќе го посетат Велес туку со нивните врсници ќе работат заеднички на различни предмети. Планирана е посета на македонски компании. Целта е да се воспостави поблиска врска и размена на знаења и искуства помеѓу средношколците“, рече Барзим Бонјади Тој е член на советот на општина Шербур, одговорен за млади.
Досега двете општини меѓу себе остварија неколку протоколарни посети. Она што ќе се случи во септември е конкретен проект кои се однесува на размена на искуства во делот на образованието.
„ Учениците ќе разговараат за економијата, компаниите, менаџментот, гастрономијата, металопреработувачката индустрија и ова ќе биде еден почетен линк за понатамошната соработка со Шербур. Велес е еден од осумте градови кој, преку проектот на владата за децентрализирана соработка со Долна Нормандија, развива една врска и соработка со други градови на различни полиња“, рече заменик градоначалникот на Велес, Петре Саздов.
Своето гостопримство, учениците од Долна Нормандија на своите врсници од Велес, ќе им го возвратат вгодина на пролет, кога четириесетина ученици ќе отпатуваат во Франција за да го посетат Шербур./Д.С
