Судскиот процес „Ореше“ продолжува во септември
Со сослушување на дел од сведоците на јавното обвинителство, вчера, во велешки суд продолжи процесот „Ореше“. Тие останаа на претходно дадените искази според кои им дадоа алиби на второ обвинетите за убиство на 71 годишниот Лазо Милошевски, браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски. Сега пред судот ќе треба да се појават уште неколкумина жители на селото во кое пред девет години беше убиен Милошевски. Нивното сослушување ќе се случи на ново рочиште кое судечката судијка Тања Милева го закажа за во септември.
Одбраната на прво обвинетиот Ѓоре Петровски, за нарачка на убиството и на второобвинетите браќата Ѓоргиевски, за извршување на убиството рекоа дека немаат нови предлози за сведоци.
Судењето ќе продолжи со изведување на материјални докази.
Бранителот на браќата Ѓоргиевски, Ѕвонко Давидовиќ ни изјави дека многу интересен ќе биде моментот кога ќе треба да се земе во предвид изјавата што ја даде сведокот Златко Арсовски ако во исто време во паралелен судски процес тој е обвинет за давање лажен исказ.
Според Давидовиќ судот ќе треба да одлучи кој исказ на Арсовски ќе биде веродостоен и оцени дека прво требало да заврши судскиот процес „Ореше“ па потоа на Арсовски, кој беше заштитен сведок “Бреза“ да му се суди за давање на лажен исказ./Б.Н
