На смрдеа од свински измет и исечени малди дрвја се жалат велешани кај екологистите

Објавено на 15 јули, 2014 во 13:10

Свинска смрдеа се шири низ Велес. Изметот од свињите на граѓаните им предизвикува гадење и нагон за повраќање. Исто така смрдеата ги спречува да излезат надвор од домовите во спарните летни вечери. Тоа значи дека им создава дополнителен проблем да се справат со летните горештини. Ова е првата од повеќето граѓански реакции кои деновиве пристигнаа во канцеларијата на ЕД „Вила Зора“. Повеќемина граѓани побарале помош од екологистите со цел да го актуелизираат проблемот пред општинската власт и заедно да најдат решение кое ќе ги спаси од летното заробеништво во домовите.

„ Бараме од надлежните институции да преземат мерки и сите сопственици на фарми во близина на градот кои се однесуваат непрописно кон животната средина да бидат санкционирани. Овој проблем се провлекува повеќе години, но нема конкретни мерки за негово решавање. Сметаме дека е крајно време да се преземат конкретни чекори, “ стои во писмената реакција на ЕД „Вила Зора“.

Тие се ставија на располагање на фармерите во градот за едуцирање во делот на третманот на  изметот од свињи. Предлагаат компресирање наместо исфрлање по околните ниви поради што смрдеата се разнесува низ градот.

Исто така екологистите ги пренесоа  и граѓанските реакции за исечените млади дрвца на повеќе локации во Велес. Наместо најавената сеча на стари и опасни дрвја во Младински парк  се исечени повеќе млади дрвца, кои не преставуваат опасност за околината, откриваат екологистите.

„Бараме од локалната власт да ги сочува сите здрави дрвца, затоа што имаат непроценлива улога во заштитта на животна средина,“ реагира ЕД „Вила Зора“.

Одтаму најавија дека поради сечењето на јавно зеленило кое зазема загрижувачки размери,  ќе поднесат  барање до Владата на РМ  за носење на Закон за јавно зеленило со цел законски да се заштитат јавните зелени површини и да се спречи самоволието во уништувањето на јавното зеленило од поединци или институции на територијата на Р.Македонија./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.