Рибократците зедоа силен замав, го ништат рибниот фонд во Вардар и во езерото Младост
Група рибократци се фатени изминатиот викенд на Вардар. Краделе крап со мрежи поставени од едниот до другиот брег на реката. Втора група на рибократци се обиделе да крадат смуѓ и амур од езерото „Младост“. Рибочуварската служба на спортско риболовното друштво „Бабуна“ е постојано на терен. Од здружението велат ако продолжат диво и со мрежи да го ловат смуѓот во „Младост“ , ќе исчезне овој редок вид на риба кој во Македонија единствено живее во велешкото езеро.
„Се фаќаат парчиња по 3-4 килограми и ги продаваат на црно по рестораните низ земјава и на тој начин нелегално заработуваат. Од друга страна ги ставаме луѓето кои со дозвола рекреативно си ловат. Мора да се стави крај на ова,“ рече Ѕвонко Мечалов, претседател на ЗСР Бабуна.
Од здружението велат дека станува збор за позната организирана група на луѓе кои континуирано го повторуваат кривичното дело. Тие постојано ловат нови групи на рибокрадци , но не можат целосно да ги запрат. Затоа апелираат надлежните институции, инспектори, полиција и судови, да бидат поажурни и да работат во насока на решавање на проблемот.
„Апелирам до институциите и до МВР, да се преземат мерки, бидејќи состојбата е алармнантна. Во спротивно ќе почнеме да ги жигосуваме овие луѓе, поинаку не бива, мора под итно нешто да се преземе,“ рече Мечалов.
Рибократството е кривично дело што се санкционира и со парична казна од 1500 до 3000 евра. Но очигледно рибократците тоа не ги засега затоа што тие и понатаму продолжуваат нелегално да ловат. Од „Бабуна“ признаваат дека има пропусти кај институциите кои се задолжени да го санкционираат рибокрадството.
„Најверојатно има некакви си дупки во законот што ги користат иако кога ќе ги повикаме веднаш со нас излегуваат на терен. Сепак нека се запрашаат, зошто се случува ова, “рече Мечалов.
Ако под итно не се преземат мерки, уништување му се заканува на велешкиот ревир. Рибарската федерација на Македонија неодамна формираше и државна контрола, која ќе ја има се почесто како на велешкиот така и на останатите ревири во земјава./Д.С
