Продолжи расчистувањето на дворот на поранешниот Офицерски дом
Откако надлежните ги исекоа спорните дрвја на ред дојде и дворот на Офицерски. Се поставуваат ивичниците за патеките и тревнатите површини. На просторот треба да се подигне парк. Објектот кој е на една од нај атрактивните локации во градот е честа тема за разговор меѓу граѓаните. Дел од нив коментираат дека идејата за парк е добра, други пак се против и тврдат дека на местото му треба угостителски објект, ист онаков каков што до неодамна функционираше.
„Па супер е. Мислам дека идејата е одлична.“
„Тоа може да се направи. На градот му фали. Тоа е еден вид на културно наследство и треба да се реализира.“
„Најдобро решение беше да си остане како што беше. Граѓаните и дење и навечер нема каде да одат.“
„Јас мислам дека ако останеше, како порано што си беше ресторан, поубаво ќе беше. Често бевме таму и поминувавме дел од слободното време во разговор играње табла и шах. Пиевме кафе и разговаравме. Ова е голема грешка. Требаше да си остане кафеана. Да биде како што го паметиме педесет и повеќе години“, рекоа денеска граѓани.
Според локалната власт пак откако ќе се уреди, објектот ќе стане репрезентативно место каде граѓаните ќе можат да го минат своето слободно место. Тие ја отфрлија и идејата барем засега дел од петстотините метри квадратни корисна површина да се искористи за паркинг простор. Градската куќа велат ќе се прави покасно. Според плановите таму ќе биде сместена салата за венчавки, велешките пратеници ќе имаат свои канцеларии за средби со граѓаните, додека градоначалникот тука ќе ги пречекува странските делегации.
„Според моите информации ,во моментов се расчистува теренот за работа во дворот и уредување за тој дел ,а за градската куќа треба општината дополнително да избере идејно решение за тој проект„рече претседателот на Советот на општина Велес, Александар Колев.
На локацијата на сегашното градилиште до неодамна одлично функционираше угостителски објект. Така беше кога сопственик на објектот Официрски беше министерството за одбрана. Кога го претстапи на општина Велес започна преуредувањето на дворот во градски парк./Д.С
