Од креативна идеја до производ и можност за заработувачка, нов проект на Фондација „Фокус“
Невработени млади и возрасни жени со изразени креативни вештини ќе бидат дел од проектот на Фондацијата „Фокус“ чија цел е да ја подобри социо-економската положба на жените од Вардарскиот регион. Педесетина жени ќе имаат можност да ги развиваат своите капацитети и потенцијали во доменот на креативната работа и истовремено да ги искористат за отпочнување на сопствен бизнис. За таа цел ќе бидат интервјуирани 450 жени од деветте општини на регионот со што ќе се утврдат постоечките потенцијали за креативна работа.
„Воедно истражувањето ќе допринесе за подготовка на програмата за економско зајакнување и дефинирање на креативните техники кои ќе бидат предмет на усовршување како изработка на дрво, кожа, керамика, рециклирани материјали, предмети од хартија, изработка од накит и сл. Ја користам оваа прилика да апелирам до сите жени од овој регион кој што сакаат да работат и да ја изразат својата креативност да се приклучат на проектот,“ рече директорката на Фондација, Весна Шкортова.
Нивни партнер е словенечката невладина организација ИРД. Финансиската поддршка е на словенечката влада.
„Суштината на проектот е невработеноста како клучен проблем во Република Македонија. Со него особено сакаме да ги опфатиме ранливите категории, жените и младите од руралните и помалку развиените региони. Ваквите активности чија примарна цел е да се подобри соживотот се од големо значење, особено денес кога светот се соочува со предизвици кои потекнуваат токму од нашите различности,“ рече Мира Лесјак, економски советник во амбасадата на Словенија во Македонија.
Во рамките на проектот се планира да се отвори и веб страница на која ќе бидат објавени сите предмети што жените ќе ги изработат во Центарот. На тој начин ќе можат да ги продадат и да остварат сопствен приход.
„На веб страната ќе има галерија во која ќе бидат презентирани профилите на сите жени кои ќе работат во Центарот како и нивните производи кои се надеваме дека на тој начин ќе допрат до засегнатите страни, бизнис секторот или пак туристичките друштва. Планираме на терен да пуштиме и агенти за продажба кои ќе ги презентираат и продаваат производите и на тој начин да ги мотивираат да работат уште повеќе, рече координатор на проектот, Марија Алчева.
Креативните жени ќе поминат низ неколку работилници и обуки преку кои ќе ги совладаат разните креативни техники и ќе го развијат својот претприемачки дух. Проектот ќе трае до септември 2016-та година./Д.С
