Велешките и ветераните на македонската фудбалска репрезентација одиграа хуманитарен натпревар за болните од церебрална парализа
„Сакаме спорт во Велес“ пишуваше на транспарентот кој го носеа поддржувачите на фудбалот и фудбалскиот клуб „Борец“. Тие истрчаа веднаш по екипите на ветераните на градскиот фудбалски клуб и на македонската фудбалска репрезентација кои денеска одиграа хуманитарен натпревар во кои сите собрани сретства ќе им бидат донирани на граѓанското здружение на лица болни од церебрална парализа. Многу македонски фудбалски легенди од една и поранешни фудбалери на ФК „Борец“ од друга страна видоа гледачите кои попладнево дојдоа на стадионот. Таму беше и навивачката група „Гемиџии“. Трибините целосно не се наполнија но оние кои дојдоа уживаа во фудбалските мајстории на играчите од двете екипи.
Дресот со бројот 10 за ветераните на македонската фудбалска репрезентација го носеше пејачот Даниел Кајмакоски. И тој играше во составот на аматерската фудбалска репрезентација. Кратко изјави дека го сака фудбалот и досега како дете и младинец, одиграл бројни минути на фудбалските терени.
„Ми причинува големо задоволство што денеска сум во Велес. Драго ми е што овој настан е хуманитарен и ќе дадам се од себе за да победиме. јас сум голем љубител на фудбалот и морам да кажам дека одамна не сум играл,“ рече Кајмакоски.
Капитен на екипата на гостите беше тренерот на македонската фудбалска репрезентација Бошко Ѓуровски.
„Тука сме за да помогнеме некому, овојпат на болните од церебрална парализа и секогаш сме подготвени да заиграме во хуманитарни цели,“ рече Ѓуровски.
Натпреварот имаше за цел да покаже дека Велес е хуманитарен град, со граѓани кои едни со други се помагаат. Општинскиот фудбалски сојуз го организираше настанот. Панче Ќумбев, како еден од организаторите, соопшти дека особено го радува присуството на децата болни од церебрална парализа затоа што и тие сакаат да гледаат спортски натпревар исто како и фудбалерите.
„Целта ни е да покажеме дека Велес знае што сака. Сакаме спорт, натпревари а еве денеска овде има многу познати македонски фудбалски имиња,“ рече Ќумбев.
Тој играше во екипата на гостите и му беше противник на сограѓанинот Перо Ранготов, најдобриот центарфор што го имал ФК „Борец“ и воопшто најдобар во фудбалската историја на Велес.
„Тука сме најголем дел од фудбалерите кои го носеле дресот на градскиот клуб. Дојдовме затоа што сме дел од град кои и досега, многупати покажал дека е хуман. Очекувам дека ќе дојдат голем број на велешани а не само фудбалери,“ рече Ранготов.
Тренерот на ветераните во Велес, Љубе Велковски, соопшти дека долго време се подготвувале, секоја недела во два термини тренирале и сметаше дека играчите се подготвени.
„Ќе имаме добар, интересен натпревар бидејќи се надевам дека и ветераните на фудбалската репрезентација тренираат и се подготвуваат како и ние. Сметам дека моите сугестии и тактика ќе помогнат ветераните од Велес да постигнат победа,“ рече Велковски.
На крајот од натпреварот, кој заврши со резултат 3:4 за ветераните на македонската фудбалска репрезентација, сите си подадоа рака и како вистински пријатели се разделија со ветување дека во хуманитарни цели ќе одиграат уште многу натпревари.
Во текот на играта гостите поведоа со головите што ги постигна Ќириќ и Ќумбев, за потоа домаќините преку Петрови Нацев да изедначат на 2: 2. Потоа повторно поведоа гостите со голот на Мицевски но домаќините изедначија кога Ракиџиев постигна гол. Натпреварот сепак го реши Кириќ чиј гол беше пресуден за победа на гостите од екипата на ветерани на македонската фудбалска репрезентација.
Инаку пред почетокот на натпреварот мини концерт одржаа оркестарот, вокални солисти и играорците на КУД „Ќерамичар“ а химната на Македонија ја отпеја Орхидеја Дукова.
