Со изградена инфраструктура заедницата треба да им помогне на слепите лица

Објавено на 7 октомври, 2014 во 12:54

Самостојното движење и самостојното читање и пишување, се главни проблеми со кои најчесто се соочуваат слепите лица во Велес. Од нивното Здружение велат дека состојбата останува непроменета кога станува збор за проблемот на самостојно движење на овие лица. За да се создадат соодветни услови за движење насекаде низ градот заедницата треба многу да вложи. А дотогаш движењето на слепите граѓани ќе мора да биде со придружба.

Единствено што се подобрува е состојбата со наобразбата на овие луѓе. Се зголемува бројот на аудио книги и книгите со Браево писмо, па тие стануваат подостапни за оние за кои се наменети.

„Кога станува збор за самостојното читање и пишување, тука состојбата се менува на подобро. Аудио книгите и Браевото писмо се се подостапни за слепите лица. Аудио книгите особено се значајни за оние луѓе кои го загубиле видот во подоцнежните години и немале можност да го научат браевото писмо,“ рече Тони Пајдаков од здружението.

Од таму велат дека засега се подобрува состојбата со вработувањето на оваа категорија на граѓани.

„За среќа во Велес бизнисмените и институциите имаат разбирање за вработување на слепите лица, така што повеќето од нив веќе се вработени,“ рече Пајдаков.

Неодамна Здружението и локалната библиотека промовираа уште една аудио книга со наслов „Народни приказни за балканските народи“. Таа е прва од серијата аудио книги што допрва треба да се направат./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.