СВР Велес и Шумската полиција во заедничка борба против крадците и измамниците со дрва
Кражбите и пустошењето на шумите како и измамите на граѓаните со огревно дрво станаа честа појава изминатата година. Осуммина велешани се осомничени за кражба на дрва од македонските шуми. Против нив лани Секторот за внатрешни работи поднесе шест кривични пријави.
Но освен што ги крадат, несовесни граѓани се занимаваат и со тешки измами со дрвата, па ваквиот бизнис честопати им носи и голем профит. Нивна цел најчесто се наивни граѓани, во чии домови слободно влегуваат, им нудат дрва, им ги земаат парите и на крај им се губи секаква трага. Минатата година полицијата фатила едно лице кое се обидело на нелегален начин да продаде огревно дрво и да заработи. Против него е поднесена кривична пријава и ќе одговара за дури пет кривични дела измама. Дека нелегалниот бизнис е профитабилен потврдува и новата кривична пријава што неодамна СВР Велес ја поднесе против дваесет и четири годишен велешанец. Тој во последниве два месеци, нудејќи им огревно дрво, успеал да измами четворица сограѓани и да заработи над двеста педесет евра. И тој сега се соочува со кривична пријава за сторено дело измама.
Освен секторот за внатрешни работи, со крадците на дрва и измамниците се занимава и шумската полиција. Во неколку акции минатата година успеала да открие неколкумина крадци на дрва и против нив поднела дури дваесет и осум кривични пријави, од кои на една во заедничка соработка со МВР. Од станицата на шумската полиција во Велес велат дека и годинава заедно со полицијата работат на расветлување на една тешка кражба на дрва.
Од СВР Велес апелираат граѓаните да внимаваат и да не наседнуваат на вакви измами. Огревно дрво да купуваат единствено од овластени претставници односно складови за дрва, каде за купениот огрев задолжително ќе добијат валиден документ за уплатената сума. Исто така ако забележат ваква појава веднаш да ја пријават кај надлежните органи./Д.С
