Почна откупот на јагниња во велешко

Објавено на 5 февруари, 2015 во 15:10

Од сточарите во село Сујаклари, кавадаречка фирма откупи триста јагниња. Деновиве се очекува да бидат откупени уште двеста јагниња од сточари од селата Новачани и Комарино. Моментално  само една фирма откупува јагниња која за килограм жива мера на сточарите им плаќа по сто и четириесет денари. Сточарите не се задоволни од откупната цена.

„Цената е многу ниска. Со оваа цена не можеме да ги покриеме ниту трошоците за храната за јагнињата. Трговците ја диктираат цената, а колку тие заработуваат никој не знае. Со оваа цена не ни се исплаќа да одгледуваме рани јагниња“, рече сточар од Сујаклари.

Според сточарите од велешко, до крајот на овој месец се очекува да бидат откупени околу две илјади јагниња кои се одгледуваат во ниските населени места.  Првите откупени јагниња, чија вкупна тежина изнесува  два и пол тона, откупувачот, кавадаречката фирма, ќе ги пласира на пазарите во Италија, Хрватска и  други земји од Европската Унија.

Инаку, годинава од општините Велес, Чашка и Градско, во кои се одгледуваат над педесет илјади овци, трговците очекуваат  да откупат над три тона јагнешко месо, наменети за извоз. Шпицот на откупот се очекува да биде една до две седмици пред Велигденските празници./С.А

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.