Јубилеј: Две децении на манифестацијата „Благцето на баба“

Објавено на 14 март, 2015 во 16:45

Стотина традиционални рецепти, над петстотини видови на старински блакца, арвании, баклави, тиспиштии, фурми, кајмаци, тулумби, еклери, ванилици, алви и други видови на колачи подготвени од стотици жени, пензионерки од цела Македонија. Тоа се првите придобивки од дваесетгодишното постоење на манифестацијата „Благцето на баба“ на Активот на жени пензионерки од Велес. Тие се едни од најзаслужните за продолжената традиција на подготовка на старински блага, за предадените рецепти од свекрви на снаи или од мајки на ќерки па затоа и денес внуците уживаат во вкусот на македонската слаткарска традиција. Манифестацијата е и хуманитарна затоа што секоја година пензионерките донираат пари за болни деца, сиромашни семејства а годинава и за хирушки стол во болницата во Велес.

Македонецот од Белгија, Марк Де Јонг денеска беше воодушевен од изгледот и трогнат од вештите раце на жените пензионерки. Тој е кувар по професија и затоа го фотографираше секое старинско блакце. Иако често доаѓа во Македонија Марк годинава за прв пат беше гостин на јубилејната манифестација „Благцето на баба“. Ни откри дека најголем дел од слатките за прв пат ги гледа.

„Божествени се како и манифестацијата. Јас не сум подготвувал ниту едно од нив но би сакал да пробам од секое. Ме воодушевува помислата дека ги подготвиле овие госпоѓи иако тие се веќе во трета доба. Адријана Алачки ми кажа за манифестацијата и ми рече дека ќе ме донесе. Кога доаѓам во Македонија се разбира дека пробам слатки но ова што денеска го видов ми покажа дека има уште многу видови што треба да ги пробам. Досега не сум се обидел да ги подготвам ама никогаш не се знае,“ рече Де Јонг.

Годинава, на главната слаткарска маса на манифестацијата беа изложени над педесеттина видови на слатки. Сите од убави, поубави и од вкусни, повкусни. Таква беше и посната филувана баклава на велешанката Нада Димовска.

„Јас вообичаено ја правам за домашната слава Свети Никола а може да се подготвува за време на сите пости. Ова е рецепт на мојата свекрва кој јас малку го одернизирав и навистина е вкусен мора да го пробате. Јас рецептот им го предадов на моите три снаи. Се што кажав е потврда дека свекрвите се добри а не лоши жени, “ рече Димовска.

Кумановката Љубинка Симоновска годинава ги подготви посните гурабии на кумановски начин.

„Ова е рецепт на мојата баба. Едноставно се прават а она што им дава вкус е белото вино со кое се замесува тестото, освен зејтинот што исто така го користам. Во средината обавезно треба да има ореви,“ рече Симоновска.

Татлија во која имаше еден килограм свежо козјо сирење подготви пензионерката Павлина Чибуковска.

„И седум јајца ви требаат и гриз, брашно, ванила за да ја подготвите радовишката татлија. Посебниот вкус секако го дава козјото сирење. Сите намирници се мешаат и тестото се истура во плех, се пече и попарува со шербет. Мора да ја пробате за да знаете колку е вкусна,“ рече Чибуковска.

Гурабии подготви Цветанка Ристовска а ролат Вера Мирчевска од Прилеп. Овие две жени пензионерки велат дека тоа се омилените блакца на нивните внуци.

„ Ви требаат маст, шеќер и јајца потоа брашно, пециво и ванилен шеќер, многу се вкусни од баба ми е рецептот и ако ги пробате ќе го побарате рецептот,“ рече Ристовска.

„Во чаша масло и чаша пиво додавате брашно. Замесувате тесто па го делите на два дела и во еден од нив додавате какао или чоколадо. Ги рассукувате тестата и внатре во белиот дел го ставате кафениот. Се сечат парчиња и се печат. А потоа се попаруваат со топол шербет,“ рече Мирчевска.

Додека ги гледаше колачите во очите на претседателката на Активот на жени пензионерки, Неделка Ѓоргиевска имаше солзи радосници.Годинава, поради здравствени проблеми, покрај неа не беа Лилјана Андреева и Живка Илиевска но Ѓоргиевска не пропушти да ги спомне и да каже дека е горда што тие заедно пред дваесетгодини одлучија да ја приредуваат манифестацијата „Благцето на баба“.

„Годинава ќе ја сечеме јубилејната торта. Се надевам дека ќе не надживеат нашите снаи и ќерки со тоа што ќе ја продолжат манифестацијата. Горда сум што ја прифатија сите жени од сите градови во Македонија. Им благодарам што секоја година доаѓаат. Ова е и хумана манифестација и годинава собраните сретства ќе ги подариме на Општа болница во Велес за каде заедно со Здружението на пензионери ќе учествуваме во купување на стол за операции,“ рече Ѓоргиевска.

Денешни гостинки на Активот на пензионерки им беа колешки од седумнаесет градови во Македонија и сите цел ден се дружеа на велешко езеро „Младост“./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.