Интернистичката амбуланта функционира по старо но во нов простор за кои пациентите се делумно задоволни
Повеќе од две недели интерната амбуланта работи во велешката болница. Таму е префрлена од просториите во Здравствениот дом во кои претходно со години функционираше. Здравствените власти соопштија дека преместувањето било потребно поради тоа што амбулантата му припаѓа на интерното одделение кое е дел од болницата, поради подобрување на здравствените услуги и потребата на пациентите да бидат поблиску до одделенијата во болницата.
Пациентите пак денеска, на шеснаесетиот ден од преселбата, уредно си чекаа да им дојде редот на „Мој термин“ но со забелешка дека сега имаат поголеми трошоци за превоз и им е потребно повеќе време за да стигнат до неа.
„Јас доаѓам од населбата Превалец и за мене прегледот во болницата е поскап затоа што користев такси превоз и таксистот ми наплати 20 денари повеќе. Немам забелешка на работата на лекарите, луѓето се принципиелни и си ја вршат работата, ама поблиску ми беше кога доаѓав во Здравствениот дом“, рече пациент.
„И од Долни дуќани е подалеку. Од оваа населба и поблиску беше и помали беа трошоците за превоз кога амбулантата беше во Уред. Ако имаш потреба од дополнителни прегледи во болницата или пак сместување на одделението тогаш е подобро што е тука. А ние денеска сме тука претежно поради контроли“, рече пациентка.
Дел од пациентите имаат потреба од лекување во кабинети кои функционираат како составен дел на одделението и за нив ова решение на здравствената институција е подобро. Менаџерскиот тим на болницата најави дека една од идеите за поквалитетно здравство ќе биде токму кабинетската работа на лекарите специјалисти на ова одделение во болницата. За останатите сепак контролниот преглед сега е поскап отколку порано.
Амбулантите на интерното одделение се наоѓаат до физикалното одделение и био-хемиската лабораторија. Таму пациентите добиваат услуги од дијагностичката амбуланта, од кабинетот за дијабетологија, нефрологија и астма центарот./У.Ј
