Акумулацијата „Младост“ е максимално полна додека „Лисиче“ е полупразна
Зголемениот доток на вода во Отовичка и Рудничка река се причина за прелевањето на водата преку браната на велешко езеро „Младост“. Таму во последните дваесет и четири часа се прелеани 100 илјади метри кубни вода. Од акумулацијата водата истекува во река Вардар и засега не предизвикува проблеми од излевање во близина на Башино село или во Велес. „Не треба да има ниту загрижеост за статиката на браната бидејќи постојано ја следиме состојбата“, вели директорот на ЈПВ „Лисиче“, Бобан Пановски.
Ова јавно претпријатие стопанисува со акумулацијата на велешко езеро. Пановски тврди дека постојано прават сеизмички мерења на стабилноста на браната и ја следат состојбата со вкупната количина на вода во акумулацијата. Во „Младост“ во моментов има 8 милиони метри кубни вода. Зголемениот доток на двете реки, Отовичка и Рудничка од една и од друга страна одложениот процес на празнење на акумулацијата поради не наводнување на лозјата околу „Младост“ се главна причина на ваквата состојба.
„Ланската врнежлива година ја намали потребата од наводнување на лозовите плантажи околу езерото што доведе до континуирано полнење но не и празнење на оваа велешка акумулација,“ вели Пановски. Тој додава дека нема потреба од загриженост бидејќи состојбата со прелевањето на водата преку браната постојано се следи.
А таа е особено интересна глетка за посетителите на езеро „Мадост“ кои за време на викендите се многубројни и застануваат, од мостот пред хотелот и мотелот, за да го набљудуваат прелевањето на водата преку браната.
ЈПВ „Лисиче“ стопанисува и со водата во акумулацијата во Лисиче од која Велес се снабдува со вода за пиење. Таму состојбата е поинаква, нема прелевање преку браната бидејќи во неа постојано има слободен простор за акумулирање на вода од реката Тополка.
„Во мометов во акумулацијата Лисиче има 11 милиони метри кубни вода кои дотекуваат од река Тополка. Нема потреба од прифаќање на водата од втората река поточно Врановска. Мислам дека и покрај не поволната хидролошка состојба добро ја менаџираме состојбата со акумулацијата во која секогаш оставаме слободен простор за зафакање на вода,“ рече Пановски.
Максималната количина на вода во оваа акумулација е двојно повеќе од сегашната состојба и изнесува 22 милиони метри кубни вода./У.Ј
