Новинарот и водител Ацев: „ Човек учи додека е жив освен Македонецот оти мисли дека знае се штом ќе се роди“

Објавено на 29 март, 2015 во 09:05

Не пропушти ниту еден граѓански собир или протест додека го имаше послениот „прелет“од Загреб во Велес. Напиша десетици фејсбук и твитер статуси. На исто толку актуелни теми соопшти свои ставови и мислења. „Што те поттикна?“, го прашав новинарот и водител „печалбар“ Пеце Ацев а тој одговори „ Граѓанскиот активизам“.

Од „граѓанскиот багаж“ што со себе го носи во изминатите десеттина години ја издвои средношколската возраст кога ја препознава силата на овој вид активизам . Го поттикнале актуелни случувања во општеството, неправди кон граѓани кои оставени сами на себе не биле моќни да им се спротивстават на институции, раководители, функционери или политичари. Тој, првиот „граѓански чекор“ го прави со активисти на „Волонтери во акција“. И потоа се било лесно бидејќи искуството му покажува дека нема цена заслугата – филантроп. Познатиот телевизиски водител, чија кариера вртоглаво напредува во Хрватска, сега се присети како пред десетина години бил граѓански активист кој волонтира, за народот и татковината, со младите на Црвениот крст, во Младинскиот совет , Средношколската заедница и други граѓански организации..

„На шеснаесет и седумнаесет години дојдоа оние по одговорни функции како претседател на младите на велешкиот Црвен крст, членувањето во Извршниот одбор на Црвен крст на Македонија од една и од друга страна претседател на Средношколски сојуз за Велес, активности со младинските форуми низ цела држава. Се секавам тогаш почна и реализација на оние саеми на кои се презентираа средношколските форми на здружување а јас со моето училиште „Димитрија Чуповски“ постигнавме одлични резултати. Тој плод е резултат на она што сум сега, кога имам 26 години и се уште сум заинтересиран за граѓанскиот активизам. И да, се трудам што е можно повеќе да давам од себе за другите во општеството. Тоа го правам со присутност на протести кои сметам дека се релевантни, затоа што му нудат можност на граѓанинот да покаже дека има свој став, да бара да го почитуваат и да се надева дека е во група која иницира, бара, смета на позитивни промени. Јас имам став по многу прашања и случувања, давам јавна подршка со одредена акција, учествувам во организирање на хуманитарни настани. Присутен сум секде каде што можам да се пронајдам и да помогнам. Сакам тоа да го правам и да бидам дел од она што се нарекува или што остана од граѓански активизам во Македонија,“ рече Ацев.

Тој веќе научи дека животот се движи по кривудава линија што ја формираат успеси и порази, издигнувања и паѓања, моменти кои едноставно ги менуваат луѓето затоа што со себе ја носат поучната лекција од „силната шлаканица и тресокот од земја“.

„ За жал случајот со прераната смрт на малото девојче од Велес, Тамара, е еден од тие моменти кој никогаш нема да го заборавам. Тоа кобно февруарско утро во Загреб го добив телефонскиот повик. Беше рано наутро, во 7.30 кога гласот во телефонската слушалка ме разбуди со реченицата: „Почина Тамара“. Нормално следеше моментот на првично неверување. За неколку секунди бев буден и веднаш се слушнав со родителите за да изразам сочувство. А чувствував голема грижа на совест но и грижа како граѓанин на Македонија затоа што не успеавме сите заедно да го спасиме детскиот живот. А можевме да го спасиме. Сите знаеме кој е виновникот, кој ги ставаше потписите на документите на детето. Она што во целата приказна е жално, е фактот како сите се помиривме само со жртвените јагниња или само со оставките на директорите на Фондот. Сеуште јавноста ја бара оставката на министерот Тодоров но досега само наидува на глувост на институциите. Од нив јас сеуште го чекам одговорот на јавно поставеното прашање на Фејсбук, колку барокни коњи сега можат да ја прегазат болката која што ја чувствуваше народот во тој момент и верувам дека се уште ја чувствува бидејки дозволивме да згасне еден млад живот. За жал Тамара треба да ни биде поука, без разлика која гарнитура е на власт , без разлика кој е министер за здравство или директор на Фондот, како граѓани да не дозволиме децата да бидат жртви на здравствен систем. Детскиот живот не смее да има цена. Ќе кажам дека и по речиси два месеци по смртта на Тамара сеуште одѕвонуваат барањата за оставка на министерот Тодоров и во мене кипти гневот кон институциите а и болката што не успеав во намерата да и помогнам на малата Тамара. Единствено што сега можеме да сториме е да се потрудиме, да издејствуваме промена во здравствениот систем со која ваков случај не ќе се случи повторно. Затоа ја подржувам иницијативата на мојот колега Огнен Јанески, за измени во членовите на Законот со посебен член кој ќе го носи името на Тамара, и ќе биде обврзувачки за Фондот за здравство за да му овозможи итност во лекувањето или операцијата во странство на секој пациент и граѓанин на Република Македонија ако на медицински документ стои зборот ,,ИТНО“, рече Ацев.

Тој е сериозен поддржувач на Студентскиот и Средношколски пленум затоа, како што вели, во таа млада генерација препознава чесни луѓе со сериозни намери да покажат дека мислат со сопствена глава и имаат решенија за наметнати проблеми.

„Јас веќе прашав како може да пресметаме корен од Лебедово езеро. Или дали можеме да решиме правен случај со Питагорова теорема. Едноставно тоа се млади деца, нова генерација која носи промени во Македонија. Јас сум од онаа генерација која е воспитана според вредности од постаро време но и која фати нешто од сегашноста или новово време. За разлика од мене овие деца кои растат во независна Македонија , со нови вредности, нови убедувања имаат елан да ги променат работите. И студентите и средношколците имаат во себе жар да менуваат нешто што не им одговара. Тие сакаат да живеат во нормална демократска земја. Не сакаат да бидат безгласна буква и во образовниот систем и во се она што се случува во општеството. Навистина ми е драго што тие на креативен начин се борат за своите права,“ вели Ацев.

Сега кога неговиот животен пат ја плете „печалбарската“ приказна во не така далечна „јабана“ каде полека но сигурно Ацев се одомаќини а Загреб, за разлика од Велес или Скопје, му покажа поинаква урбана слика , тој веќе ги прави првите споредби со родната грутка.

„ Ќе направам една компарација. Луѓето сега би рекле лесно му е него си замина од Македонија . Кај нас кога човек си заминува од ова парче земја владее мислење дека нему едноставно животот му е решен. Многу заминуваат од разни причини а јас, лично заминав поради квалитетот на живот. Тука се чувствував дека се гушам и мислам дека тоа го чувствуваат голем дел од младите на возраст од 18 до 25 години. Тие луѓе сакаат  да живеат во нормална земја затоа што тука, на некој начин, нема авангардна мисла. Не смее да се појави, да биде јасно и јавно соопштена иако можеби ќе изгледа чудна и неприфатлива за околината. Мора да научиме да го слушаме другиот, ние имаме проблем со тоа, сакаме да удираме со своја глава во ѕид и да мислиме дека сме најпаметни. Човек учи додека е жив освен Македонецот затоа што мисли дека знае се штом ќе се роди. Е тоа е нашиот најголем проблем . Мораме да научиме да се слушаме и да си помагаме еден на друг, мораме да престанеме да бидеме завидливи, да престанеме да се труеме со малограѓанштина, да се заморуваме со незначајни теми оти на тој начин сами себе си интелектуално се потиснуваме. Како општество мора да ја смениме културата на живеење, за да можеме во иднина да донесеме уште по позитивни промени, како лични така и општествени. За жал последните десетина – петнаесет години се изгубивме во тој лавиринт на глобализација. Ќе направам една дистинкција. Оние земји каде што луѓето имаат работа и квалитетен начин на живот, фејсбукот го користат строго како алатка за комуницирање, да се договорат каде да се најдат вечерта. Кај нас глава не тргаме од мобилен поради тоа што во текот на денот немаме други обврски па тогаш мислиме дека со напишан статус или твит можеме да направиме некаков  бум. Не, едноставно мораме да тргнеме самите од себе, да бидеме луѓе и да почнеме да се занимаваме со граѓански активизам или со претприемаштво или како својата идеја да ја продадеме на пазарот на труд, да отвориме бизнис, да најдеме некаква преокупација која ќе не исполнува. Мораме да се отвориме кон светот, да престанеме да бидеме затворени, самобендисани и да престанеме да веруваме дека од нас единствено сонцето е постаро,“ рече Ацев.

Тој веќе четири месеци, живее на релација Скопје – Велес – Загреб, посветувајќи и се на кариерата во Хрватска каде работи на втората сезона на телевизискиот проект „Кралеви на успехот“ што се емитува на ТВ Нова. Очигледно е дека ангажманот го исполнува.

„ Официјално,договорена е комплетната листа на гости, местата на снимања, бидејќи ќе се снима скоро низ цела Европа, во Азербејџан, Турција итн. Задоволен сум затоа што Хрватите знаат што е квалитет кога си направил интервју со директорот на „Ејрбас“ или со директорката на „Кока кола“. Во Македонија на тоа гледаат со потсмев, како да е едноставна работа која секој може да ја направи. Загреб е еден сосема подруг град во кој животот функционира сосема поинаку. Нуди поквалитетен живот. Ако тука се мислам дали ке излезам во некоја дискотека каде што ми се нуди Џони лајф,  што поима немам кој е, или пак некоја шаторска певаљка која полни кафани благодарение на хитови кои пропагираат ефтин начин на живот, се одлучувам да седам дома. Загреб нуди концерт на Ботичели, на Метрополитен операта, мјузикли или посета на музеј галерии и врвни театарски претстави. Македонија нема понуда на настани кои помагаат да созрееш. Разликата е во европското таму а балканското тука. Може и тука да се живее европски, но треба да се каже гласно и јасно не сакам да одам на Аца Лукас или Цеца затоа што тоа се луѓе кои не полнат дискотеки ниту во сопствената земја. Подобро ке одам да се забавувам на концерт на Јоце Панов отколку на турбо фолк пејачи. Мислам дека само Македонија и Србија се разликуваат од западот иако и двете земји имаат аспирации да бидат запад,“ рече Ацев.

Но, она што сега е особено важно за овој млад македонски новинар и водител е соработката со хрватскиот колега Ненад Херватин и втората сезона на „Кралеви на успехот“ на која и претходи регионална конференција, чиј клучен организатор е и Ацев, и на која се поканети водечки бизнис имиња во Хрватска, министри, претседателката Колинда Грабар Китаровиќ како и преставници на светски брендови.

„Тоа е таа разлика, кога ќе почувствуваш колку тоа западните земји вложуваат во претприемаштво додека ние талкаме со празни муабети,“ рече Ацев.

И како што дојде, тој така одеднаш и си замина од Велес назад во Загреб. На заминување само кусо дојави дека наскоро ќе донесе нови информации, за теми кои можат да предизвикаат дебата и тоа не секаква туку вистинска,  на еден кафе муабет.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.