Се е подготвено за Велигден во домот на Кацарски

Објавено на 9 април, 2015 во 11:08

Велигденските јајца се подготвени во домот на велешанката Нада Кацарска.  Ставени во кошница полна со слама, тие од утрово ја красат трпезата на ова семејство. Како во годините наназад, Нада  и утрово на Велики четврток, како што е редот станала рано пред зори да ја испочитува вековната христијанска традиција. Најпрво ги вапцала трите црвени јајца, едното за Господ, другото за куќата и третото за сите членови од семејството. Потоа со своите вешти раце и креативни идеи ги бојадисала и останатите јајца.  Ги има во разни бои, од традиционалните црвени кои најпрво ги прави секоја домаќинка па се до плави, зелени, жолти и шарени. Нема посебна техника во вапцањето јајца вели Нада, потребна е само голема желба и креативна идеја.

„Овој празник ми е посебно драг, убаво ми е на душата и воопшто не ми е тешко да станам рано и да ги вапцам јајцата.  Тоа го правам на истиот начин како и секоја година. Прво јајцата ги ставам во вода во тенџере одвечер да откиснат , потоа ги варам. Додека се варат јајцата ја подготвувам бојата, секоја по посебен сад ја растворам со вода и едно по едно ги вапцам и кога ќе ги вапцам сите потоа на едно крпче ставам малку зејтин и ги мачкам со него колку да имаат сјај. И јас сум среќна кога ќе ги наредам во корпата и ќе ја украсам масата, рече Нада.

На Велигденската трпеза на семејството Кацарски  покрај вапцаните јајца поставен е и пармакот за кој Нада вели дека исто така е симбол и обележје на овој празник. Таа и годинава е подготвена да го  прослави Велигден со најблиските во својот дом но и топло да ги пречека добронамерните гости и да им подари јајце.

„Овој празник е еден од најубавите празници на православните верници, празник кој ја полни душата со радост и позитивна мисла. Би им посакала на сите мои сограѓани да си го прослават во мир и спокој, да се дружат меѓусебе, да не си завидуваат едни на други и секогаш да бидат позитивни и оптимистички расположени. Од тоа нема ништо поубаво и секако најважно од се им посакувам здравје, бидејќи тоа е најголемото богатство, рече Нада.

Велигден е најголемиот и најсветлиот христијански празник , а велигденските јајца го симболизираат Христовото воскреснување и почетокот на нов живот. Велешанката Нада и годинава со широко отворено срце, со радост и смиреност ќе го прослави во кругот на своето семејство./Д.С

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.