Се е подготвено за Велигден во домот на Кацарски
Велигденските јајца се подготвени во домот на велешанката Нада Кацарска. Ставени во кошница полна со слама, тие од утрово ја красат трпезата на ова семејство. Како во годините наназад, Нада и утрово на Велики четврток, како што е редот станала рано пред зори да ја испочитува вековната христијанска традиција. Најпрво ги вапцала трите црвени јајца, едното за Господ, другото за куќата и третото за сите членови од семејството. Потоа со своите вешти раце и креативни идеи ги бојадисала и останатите јајца. Ги има во разни бои, од традиционалните црвени кои најпрво ги прави секоја домаќинка па се до плави, зелени, жолти и шарени. Нема посебна техника во вапцањето јајца вели Нада, потребна е само голема желба и креативна идеја.
„Овој празник ми е посебно драг, убаво ми е на душата и воопшто не ми е тешко да станам рано и да ги вапцам јајцата. Тоа го правам на истиот начин како и секоја година. Прво јајцата ги ставам во вода во тенџере одвечер да откиснат , потоа ги варам. Додека се варат јајцата ја подготвувам бојата, секоја по посебен сад ја растворам со вода и едно по едно ги вапцам и кога ќе ги вапцам сите потоа на едно крпче ставам малку зејтин и ги мачкам со него колку да имаат сјај. И јас сум среќна кога ќе ги наредам во корпата и ќе ја украсам масата, рече Нада.
На Велигденската трпеза на семејството Кацарски покрај вапцаните јајца поставен е и пармакот за кој Нада вели дека исто така е симбол и обележје на овој празник. Таа и годинава е подготвена да го прослави Велигден со најблиските во својот дом но и топло да ги пречека добронамерните гости и да им подари јајце.
„Овој празник е еден од најубавите празници на православните верници, празник кој ја полни душата со радост и позитивна мисла. Би им посакала на сите мои сограѓани да си го прослават во мир и спокој, да се дружат меѓусебе, да не си завидуваат едни на други и секогаш да бидат позитивни и оптимистички расположени. Од тоа нема ништо поубаво и секако најважно од се им посакувам здравје, бидејќи тоа е најголемото богатство, рече Нада.
Велигден е најголемиот и најсветлиот христијански празник , а велигденските јајца го симболизираат Христовото воскреснување и почетокот на нов живот. Велешанката Нада и годинава со широко отворено срце, со радост и смиреност ќе го прослави во кругот на своето семејство./Д.С