Нема новозаболени велешани од Ковид 19 ,денеска има еден излекуван пациент
Објавено: 17 јули, 2020, во 13:19 часот
17.07.2020 година
Излекуваниот сограѓанин од коронавирус е испишан од Инфективното одделение во Општа болница Велес. Во моментов таму има вкупно 15 пациенти од кои 5 се од Свети Николе.
-Испишаниот пациент е со два негативни контролни теста. Од вкупниот број на 15 лежечки пациенти тројца се на кислородна поддршка. Останатите се со стабилна клиничка слика. Поради полн капацитет на Инфективното одделение во Клиничка болница Штип на лекување на ова одделение во Велес се примени пет заболени граѓани од Свети Николе, рече портпаролката д-р Весна Николовска Неделкова.
Додека Епидемиолошката служба на Центар за јавно здравје Велес прави контролни тестови на велешани исто така зема и брисови од граѓани кои доаѓаат не само од Свети Николе туку и од Скопје како и од други градови на државата со закажан Мој Термин од нивните матични лекари за да се утврди дали се или не се заразени со Ковид 19.
Според специјалистите епидемиолози во Центар за јавно здравје Велес состојбата е секојдневно иста. Според нивната евиденција има денови во кои бројката на земени брисови е далеку повисока.
-Се обидуваме максимално професионално, ефикасно и брзо да ги земеме брисовите и да ја спроведеме потребната анкета. Со тоа да го скратиме времето на престој во Велес и да им помогнеме што побрзо да се вратат дома затоа што можеби се потенцијално заразени па и советуваме да не застануваат нигде по пат за да не се случи евентуално пренесување на заразата. Состојбата е секаде иста во сите Центри низ државата, рече д-р Билјана Трајкова.
Тие од вчера се вратени на старото место, во пунктот во поранешната зграда на основното училиште „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ кое поради гласачките места за Парламентарните избори 2020 беше преместен во приземјето на зградата на поранешен Хотел „Вила Зора“ во Велес./У.Ј


