Неделава за велешани 100 бесплатни вакцини против сезонски грип, матичните лекари секој петок да пријавуваат потребни количини преку Мој Термин

Објавено: 11 ноември, 2020, во 20:27 часот

 Mojtermin fin

11.11.2020

На сајтот на МојТермин, денеска, граѓаните, можеа да го видат прегледот на термини за вакцинација од сезонски грип што се реализира во ЈЗО Здравствен дом Велес.Во категоријата Епидемиологија на месечниот календар, бројките 12 и 13 се означени со зелена боја, што покажува дека граѓаните чии матични лекари успеаа преку МојТермин да им обезбедат бесплатна вакцина во текот на утрешниот ден и задутре, исто како вчера и денеска, неа ќе можат да ја примат во Службата за превентивна заштита на предшколски деца на Здравствен дом или популарно наречениот Уред во Велес.

По информацијата од вчера, вторник 10 ноември, од дел од матичните лекари во Велес кои посочија како не дознале навреме освен нивни двајца колеги сопственици на приватни амбуланти, Дума.мк, денеска истражуваше и откри дека во понеделникот на 9 ноември во 19 часот преку овој систем успеале четворица матични лекари да резервираат вкупно 100 дози на вакцини за своите пациенти.

Со еден од матичните лекари стапивме во контакт. Лекарот кој не сакаше да биде спомнат со име и презиме не информираше дека Министерството за здравство во понеделникот на 9 ноември, претпладнето, објавило соопштение преку Мој Термин во кое информирало дека во текот на денот ќе ги пушти термините за бесплатните вакцини што и се случило во 19 часот.

-Бидејќи јас како лекар веќе постапив по претходните здравствени препораки и подготвив листа со приоритетни пациенти, претежно хронично болни, деца до пет години и трудници, на 9 ноември, претпладнето го прочитав известувањето и во текот на денот со помош на медицинската сестра постојано го следевме системот. Термините за бесплатни вакцини беа пуштени во вечерта, во 19 часот и заедно со медицинската сестра успеавме да извршиме резервации за 30 пациенти. Ќе кажам дека како Приватна здравствена организација лани не успеавме но еве годинава нашата намера е успешна, рече лекарот.

JZUZdravstven domVeles fin

Вчера 23 граѓани и денеска 25 се веќе вакцинирани против сезонски грип во Велес. Како што дознавме и во текот на утрешниот ден, четврток има најави за вакцинирање на 25 граѓани а истата бројка ќе треба да се појави и во последниот работен ден од оваа недела, поточно во петок, во Службата за превентивна заштита на предшколски деца во Здравен дом Велес .

Од Министерството за здравство денеска негативно одговорија на прашањата на Дума.мк дали има пропусти во менаџирањето на закажување на термин за вакцинација од сезонски грип и тврдат дека вакцини има за сите заинтересирани граѓани чии матични лекари ќе биде потребно секој петок од тековната недела да ги закажуваат термините за вакцинација за наредната недела.

„Ве известуваме дека по спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор.
Напоменуваме, дека вакцини има за сите. Секој петок од тековната недела се отвараат термините за вакцинација за наредната недела,“ напишаа од министерството.

Од таму исто така одговорија дека не можат изворно да одговорат кога Центрите за јавно здравје ќе започнат со вакцинирање со комерцијалните вакцини од причина што Центрите за јавно здравје од сопствени средства набавуваат определени количини за комерцијална употреба.

„Од друга страна Министерството за здравство оваа година набави досега најголем број вакцини и тоа 40.000 вакцини кои се бесплатни за населението кое потпаѓа во некоја од ризичните групи:
– Лица постари од 65 годишна возраст,
– Бремени жени,
– Деца на возраст од 6 месеци до 5 годишна возраст,
– Хронично болни лица,
– како и за здравствени работници во соодветни термини обебзбедени за секоја категорија поединечно, со што ќе се задоволат потребите за имунизација на општото население,“ одговорија од министерството.

ministerstvo za zdravstvo fin

Според одговорите на останатите прашања поврзани со правењето на проценките за вкупната потребна количина на вакцини, од Министерството, одговорија дека ги земале во предвид податоците за вакцинирани лица од претходните години и тој број го зголемиле со процент кој би опфатил и нови лица што би се вакцинирале со вакцина против сезонски грип. При тоа била земена во предвид и вонредната здравствена состојба во која се наоѓа не само нашата држава, туку воопшто и целиот свет.

Министерството, исто така, одговори дека приватните субјекти сами одлучувале дали ќе вакцинираат против инфлуенса. Доколку одлуката е позитивна односно тие се определат за вршење на вакцинација, тогаш сами си ја купуваат потребната количина на вакцини, од соптвен буџет и вакцинираат додека ова министерство единствено издава решенија за спроведување на таква дејност.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.