Трајкова: „Само со заедничка соработка, институционална и невладина, можеме да им помогнеме на жените и девојчињата да не бидат жртви“
7.12.2020
Полициските службеници од Полициската станица Велес , вработените во Центарот за социјални работи и во општинската администрација денеска добија заштитни маски со лого „Стоп за родово базирано насилство“. Маските се дел од кампањата „Стоп за родово базирано насилство“ што традиционално ја спроведува Организација на жени на Велес и финансиски ја поддржува Општина Велес. Годинава поддршката изнесува 60.000 денари од локалниот буџет за набавка и печатење на заштитните маски.
– Не само овие 16 дена, ова го правиме 365 дена во годината. Имаме сервис за бесплатна правна помош. Одлучивме маски да поделиме на полициските службеници бидејќи тие се први во контакт со жртвите на семејно насилство. Само со заедничка соработка, институционална и невладина, можеме да им помогнеме на жените и девојчињата кои се најчести жртви на каква било форма на семејно насилство, рече Мирјана Трајкова, претседателка на Организација на жени.
Преку поделените заштитни маски се испраќа порака за јакнење на јавната свест на граѓаните за родово базираното насилство врз жените и девојчињата.
Пораките на Организацијата на жени ги слушнаа и претседателот на Советот на Општина Велес, Кирил Гајдов, претседателката на Комисијата за еднакви можности Пандорка Лазаровска Прличкова како и координаторката за еднакви можности на Општина Велес Билјана Велјанова.
Заштитни маски ќе добијат и вработените во четирите средни училишта во Велес. Испечатени се и флаери со пораки.
„16 дена активизам против насилство врз жените“ е глобална кампања која порв пат е организирана во 1991 година од Институтот за женско глобално лидерство.
Кампањата започнува на 25 ноември, на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жената и завршува на 10 декември, кога се одбележува Меѓународниот ден на човекови права.
Убавка Јаневска