Два нови трактори за собирање на смет од ромските населби во Велес
16.12.2020
Со две нови возила ЈКП „Дервен“ ќе го собира цврстиот комунален отпад од населбите каде живее ромско население во Велес. Тракторите се помали и со нив комуналните работници ќе можат да стигнат до домовите на граѓаните и на највисоките делови на Велес. Тесните и кривудави улици досега му создаваа проблем на комуналното претпријатие. Сега со донацијата, што е дел од од проектот „Одржлив урбан развој на ромските заедници“на Здружението за хумано домување, на „Хабитат Македонија“ во партнерство со Општина Велес, ќе ја олесни работата на комуналците и ќе создаде похумани услови за живот на ромското население во градот.
Примопредавањето на тракторите се реализираше денеска на Филтер станицата на јавното претпријатие од страна на директорот на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов, кој истакна дека целта на проектот е да придонесе кон инклузивен, ефикасен и одржлив урбан развој базиран на почитување и реализација на принципите на ЕУ кои водат до подобар квалитет на живеење во ромските заедници.
Советот на Општина Велес на наредната седница ќе донесе одлука за преотстапување на тракторите на ЈКП „Дервен“ додаде Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски.
„Изразувам голема благодарност за овие возила кои навистина ни се неопходни, особено за стрмните и непристапни улици во населбата каде што живеат ромите. Се надевам дека ќе го подобриме квалитетот на живот“, рече Тони Јовиќ, директор на ЈКП „Дервен“.
Возилата за собирање на цврст комунален отпад чинат околу 22 000 евра и се дел од проектот со вкупна вредност 554.053 евра, финансиран од Европската Унија. Со овој проект ромско население ќе се едуцира, ќе бидат набавени пластични канти, ќе се реконструираат домови на семејства од маргинализирани категории и друго.
Убавка Јаневска