Вакцинирани првите велешани против корона вирус со вакцината АстраЗенека
31.03.2021
Утрово во девет часот на двата вакцинални пунктови во Здравствен дом Велес , беа присутни двајца пензионери кои ја примија првата доза од вакцината Астра Зенека. Лекарите и медицинскиот персонал подготвени ги чекаа. Во холот на здравствената институција немаше мешаница. По двајца пациенти доаѓаа на закажаниот термин од страна на матичните лекари и чекаа да бидат повикани од медицинските сестри од одделот за имунизација. По прозивката пациентите, возрасни граѓани, прво беа прегледани од лекар, потоа потпишуваа согласноснот за потоа да влезат во амбулантата за примање на вакцината. Штом ним им беше боцната вакцината АстраЗенека добиваа инструкции дека е потребно 30 минути да седат на клупите во ходникот. Медицинска сестра постојано вршеше надгледување на вакцинираните велешани.
-Се чуствувам одлично, чекам да ми го издадат картончето за ревакцинација и да си одам дома. Само почувствував блага болка кога ми ја пуштија вакцината, што е нормално. Јас самиот побарав да се вакцинирам. Заедно со мојата сопруга се пријавивме и бев исконтактиран од страна на матичниот лекар, сопругата се’ уште не е вакцинирана бидејќи е 73 години. Овие скоро 13 месеци сме како во затвор, постојано седиме дома, само еднаш неделно излегував за да набавам храна. Добро е повеќе граѓани да се вакцинираат бидејќи ова е светска пандемија и не знаеме кој го носи вирусот во себе, рече Илија Петров пензионер кој ја прими првата доза од вакцината Астра Зенека.
Медицинските лица задолжени за имунизација ја следе состојбата со цел да не се појави некаква реакција кај пациентите. Тие ни соопштија дека надгледуваат дали после вакцината се појавува црвенило, благо чешање на местото како и ниска температура. Додека пациентите беа присутни во Здравствениот дом немаше не сакани ефекти кај вакцинираните пациенти но тие им даваа дополнителни информации како да се внимава во домашни услови поточно да ставаат ладни облоги на местото на примената вакцина доколку се појави црвенило, да земаат Парацетамол доколку телесната температура се покачи до 38 степени ,да не конзумираат алкохол и постојано да носат заштитна маска доколку имаат неопходна потреба за излегување од домот.
Исто така вакцинираните велешани добија вакцинален картон со закажан термин за ревакцинација по 84 дена со барање строго да го почитуваат.
Здравтвениот дом во Велес има примено 600 вакцини од АстраЗенека како прва пратена количина што треба во наредните 10 дена да ја примат исто толку возрасни граѓани на Велес, рече Никола Димовски директор на јавната здравствена институција.
-Започа вакцинацијата во Велес со вакцинирање на првите 60 пациенти во текот на денешниот ден. Имунизацијата ја започнуваме со повозрасната популација. Затоа што е потребно да се прегледаат пациенти кои се постари и им е потребно подолго време за разговор и објаснување стартувавме само со 60 термини на ден. До сега сите пациенти кои се вакцинирани се задоволни и немаме проблеми. Работиме во интерес на граѓаните и сите лица кои ќе изразат желба и ќе се пријават, ќе бидат вакцинирани. Се’ уште немаме информации кога другите категории на граѓани и помладата популација ќе имаат можност да бидат вакцинирани. Откако ја започнавме вакцинацијата сме во постојан контакт со Министерство за здравство и со координативното тело за имунизација од каде ги очекуваме понатамошните инструкции и нови информации, додаде Димовски.
Двата вакцинални пунктови во Здравствениотдом во Велес работат двосменски со тоа што наутро започнуваат во 8 часот и завршуваат во 18 часот. Засега ќе остане вака но доколку се зголеми интересот на граѓани можно е да се отвори уште еден вакцинален пункт во Центар за јавно здравје Велес.
Стефани Манева