АТ диспанзерот се пресели додека опремата остана во старата зграда
Неполн месец пациентите со белодробни заболувања од Велес и од Вардарскиот регион користат здравствени услуги во нов простор. Диспанзерот е преселен од локацијата над зградата на Гимназијата во дел од објектот на инфективното одделение во велешката болница. Таму се пресели само персоналот додека апаратите останаа во зградата на старата локација.
Станува збор за ренген апарат и опрема во лабораторијата кои досега се користеа. Стариот објект е заклучен, од него е извадена информативната табла и на еден од прозорците стои известување за новата локација. Оваа зграда е во сопственост на Општата болница во Велес.
Директорот на велешката болница д-р Атанас Васиев вели дека информациите се точни. Јавната здравствена установа Општа болница Велес донела одлука за преместување на АТ диспанзерот во посебно издвоен дел од инфективното одделение чиј објект е далеку понов од стариот и руиниран во кој досега се прегледуваа пациентите со белодробни заболувања.
– Сега пулмолозите ги прегледуваат пациентите во понова амбуланта. Ренген снимањата се прават на одделението за ренгенологија а испитувањата на крвта во болничката лабораторија. Овде имаме три години стар ренген апарат од марката SIMACU, во здравствениот дом втор од производителот ТOSIBA кој е стар десет години наспроти оној во старата АТД амбуланта кој е стар триесет и шест години. Таму останаа уште педесет години стариот котел и резервоарот за нафта, рече д-р Василев.
Тој побарал мислење од Дирекцијата за радијација за локација на која ќе се складира стариот ренген апарат. Чека одговор и од министерството за здравство кое треба да каже што треба да се прави со котелот и резервоарот за нафта. Болницата во Велес беше сопственик на зградата и земјиштето на стариот објект. Сега тие ќе треба да се продадат и на нивно место, според деталниот урбанистички план на градот, ќе се гради зграда. Тоа за болницата значи дека парите од продажбата ќе треба да завршат во нејзината каса.Министерот за здравство Никола Тодоров најави дека со нив ќе се купува нова медицинска опрема.
Условите пак за работа на АТ диспанзерот во болницата се подобрени но, многу е тесен просторот, рекоа пациенти кои таму ги затекнавме. Чекалната е мала како и амбулантата. Засега нема друг дополнителен простор./Б.Н
