Конечно, Порцеланци станаа стечајни работници

Објавено на 1 декември, 2013 во 14:33

Заврши петгодишната голгота на поранешните работници на велешка Порцеланка. Конечно, државата им призна дека кога во фабриката во која тие работеа се отвори стечај таа беше во државна сопственост. Тие од јануари,  в година ќе добиваат месечен надомест за стечајци а државата ќе им го плати и она што им го должи за изминатите пет години. Работниците рекоа дека не се чувствуваат дека ја победиле државата туку дека после многу докажување успеале да дојдат до она што го заслужиле.

– Во исто време кога од државата баравме ние неа и помогнавме да ги собере сите документи според кои имаме право на надомест. Многу ни помогна и Леонардо Питиќев, човекот кој влезе и сакаше да ја рестартира Порцеланка. Ни испрати документи кои помогнаа да дојдеме до вистината, рече Ѕвонко Самарџиев, поранешен работник на Порцеланка.

До крајот на овој месец  на седумдесетмината поранешни вработени во Порцеланка ќе им се исплати по повеќе од 7 илјади евра. Тоа се пари што нив им се следувале но не ги добиле во изминатите пет години. Потоа од јануари вгодина тие ќе добиваат месечно по  7 илјади и 400 денари колку што следува за секој стечаец по законот од 2008- ма година. Ретроактивниот надомест ќе го добијат и нивни колеги кои починаа во изминативе пет години.

– Вкупниот број на работници изнесува 105. Обештетување им следи и на оние кој во меѓувреме починале но не и на оние кои не оствариле 25 години стаж на денот на поднесувањето на барањето во Агенцијата, рече директорот Влатко Попов.

За министерот за труд и социјална политика Диме Спасов пак ова е наследен проблем уште од 2003-та година. Тој е задоволен што сепак правдата ќе биде задоволена.

– Овие седумдесет работници набрзо ќе бидат обештетени за што Владата обезбеди над 29 милиони денари, рече министерот Спасов.

Претходно, цела година,  државата на Порцеланци не им го признаваше правото за надомест констатирајќи дека кога фабриката отишла во стечај била приватизирана. Овие работници неколку пати добиваа негативни решенија но беа упорни и докажат дека нивната поранешна фирма беше државна кога се затвори.

Денеска меѓу нив не се нивните колеги кои се откажаа од докажувањето или оние кои починаа. Го немаше ниту поранешниот директор на Агенцијата во Велес  кој си поднесе оставка оти не сакаше да ги потпише негативните решенија за Порцеланци и сметаше дека работниците се во право.

Денеска штом ја слушнаа веста дека ќе добијат ретроактивно обештетување и ќе станат стечајни работниците тие се договорија од парите да донираат и купат апарат кој е потребен за лекување на деца  и го нема во болницата во Велес. Не го прифатија предлогот на министерот Спасов штом го дознаат точното име и производителот на медицинскиот апарат да му го соопштат нему. /Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.