Ниту по една деценија стечајот на велешкиот Агрокомбинат не е затворен а поранешните работници не можат да добијат надомест од државата
За само три дена велешанецот Благој Николов, поранешен работник во Агрокомбинатот Лозар не може да добие стечаен паричен надомест од државата. Со слична судбина се и неговите колеги на кои им недостасуваат дури и по десетина години од стажот. Сега тие заглавени во административните лавиринти, бараат институциите конечно да им го решат статусот.
„Треба да имам 27 години стаж, но според работната книшка евидентиран ми е само 24 години стаж, 11 месеци и 28 дена. За три дена не ме фаќа да земам надомест, според новиот закон за стечај. Не ми се платени две години придонеси, се шетам од врата на врата и никој не ми кажува каде се загубени овие дваесет и четири месеци стаж, рече Николов.
„Десет години не ми е платен стажот. Баравме информации за нашата работна единица но никој не може да се снајде со документацијата. Бевме и во судот, но бадијала. Нема човек кој може да го реши нашиов проблем, рече Зоран Лазарков, поранешен работник во АК Лозар Агро сервис.
Иронична е судбината и на Алексо Гоговски, поранешен работник во Бетон. Кога пред девет години отишле во стечај, тој заедно со неговите колеги биле одбиени за надомест со образложение дека биле приватно претпријатие. Сега со новиот закон им се признава паричниот надомест, затоа што фирмата сепак била државна.
„Ги повикувам сите мои колеги да поднесеме тужба и да си бараме испата на надомест за сите овие изминати години, бидејќи ние го имаме тоа право, рече Гоговски.
И по девет години, стечајот за една од петнаесетте работни единици во Агрокомбинатот се уште не е решен. Токму затоа овие луѓе не можат да добијат паричен надомест ниту пак да заминат во пензија.
„Во Лозар има скриена стечајна маса вредна 15 милиони евра. Надлежните треба да се позабават со ова и да испитаат каде заврши, каде се парите. Тоа е системот за наводнување, продавниците, земјоделското земјиште од 1,6 илјади хектари, сопственост на вработените. Сите тие се отуѓени, рече Томо Крстиќ, поранешен вработен во Лозар.
Од некогашните 1.150 работници во Лозар, само стотина го остварија правото на паричен надомест./Д.С
