Изгоре боровата шума на велешко Езеро Младост, чад во моментов над Башино Село а гори и шума кај Војница

Објавено на 26 август, 2019 во 16:05

Pozarezeromladost2019 naslovna

Локализиран е пожарот што пред неколку часа избувна на велешко езеро и ја пеплоса боровата шума. Четири лица се приведени во полициската станица во Велес со сомнеж дека го предизвикале пожарот откако со брусалица работеле во блзина на боровата шума, на крстосницата за Башино село и патот кон езеро Младост.

Изгоре шумскиот насад, нискостеблестите растенија и сувата трева на Младост во денешниот пожар чии пламени јазици , во еден момент, го опколи од горната страна и новоизградениот хотел Глориус. За среќа хотелот не изгоре. Добрата организација на жителите на Отовица, кои со механизација ископаа ров, ги спаси од огнот првите куќи во селото.

Pozarezeromladost2019 fin

Сега не може да се направи точна проценка на површината велат од Дирекцијата за заштита и спасување.Ветерот го насочи огнот и кон врвот на ридот каде се интервенираше со цел да не се дозволи пожарот да се префрли од другата страна каде што се наоѓа автопатот Скопје – Велес и наплатната станица Сопот.

Први во гаснењето на пожарот на велешко езеро се вклучија пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Велес. Тие за кратко време добија помош од шумарските работници на стопанство „Бабуна“ како и од армијата која освен со човечи ресурси се вклучи и со хеликоптер а гаснеа и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување. Стигна помош во возила и во пожарникари и од ТППЕ од Свети Николе, Штип, Кавадарци и Неготино.

Pozarezeromladost1

Од МВР потврдија дека во полициската станица во Велес се приведени четворицата работници кои го предизвикаа денешниот пожар. Тие веќе дале исказ со кој признале дека го предизвикале, се обиделе да го изгаснат и кога не успеале го пријавиле пожарот во противпожарната единица. За нив полицијата чека мислење на јавен обвинител.

Bashinoselosega1

Жители на Башино Село во моментов со фотографии сигнализираат дека можеби пожарот потпомогнат од ветерот има нов крак кој се приближува до нивното село.

Пожарникарите, исто така, попладнево гаснат пожар што ја зафатил и боровата шума помеѓу селата Ораовец и Војница./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.