Велешани бараат поголема безбедност на пешаците во сообраќајот, од полицијата со став дека одговориле на барањата
Голем број на граѓани на Велес сметаат дека не е мал бројот на несовесните возачи кои на улиците во градот возат моторни возила со многу поголема брзина од дозволената. Во коментари на оваа тема, на постирани вести на Дума.мк на социјалната мрежа Фејсбук, може да се прочита дека граѓаните во скоро сите делови на градот бараат од зголемена контрола на градскиот асфалт, ригорозни казни за брзите возачи, преку поставување на семафори со звучен сигнал за пешаци или видео надзор на сообраќајниците. Дел од граѓаните предлагаат пишуваат и за поставување на повеќе „легжечки полицајци“, знаци за поголемо ограничување на брзината и за физичко присуство на полициски службеници. Последново особено во зоните на Велес во кои се наоѓаат четирите основни училишта.
Земајќи го во предвид напишаното може да се заклучи дека велешани, како пешаци загрижени се за сопствената и особено за безбедноста на децата. Според напишаните коментари најголем број од граѓаните најверојатно се родители на малолетни деца. Токму тие се чини покажуваа оправдана загриженост по случената последна сообраќајна несреќа во која животот го загуби дете. Нивната загриженост за безбедноста на малолетниците особено е голема при заминувањето на децата како од домот до училишниот објект така и при при враќање, назад, до домот.
Дума.мк побара одговори на прашањата за безбедноста на пешаците, како на тротоарите така и на пешачките премини во градот, од Секторот за внатрешни работи Велес. На новинарското прашање дали СВР Велес планира да зачести со сообраќајните контроли на возачи на автомобили, мотори и моторцикли, за утврдување на присуство на алкохол и наркотични супстанци, од полициската станица не одговорија конкретно туку ги соопштија статистичките податоци за бројот на спроведени акциски контроли и казнети возачи во изминатите 11 месеци и 21 ден, на тековната година.
„СВР во континуитет реализира акциски контроли. Од почетокот на тековната година до денес, и има спроведено 128 акциски контроли на подрачјето на СВР Велес, од кои 52 отпагаат на републички акциски контроли, 36 локални акциски контроли и 40 зајакнати акциски контроли, при што издадени се вкупно 908 прекршочни платни налози, а конкретно за подрачјето на полициската станица Велес вкупно 482,“ пишува во одговорот на СВР Велес.
Анализата на статистичките податоци покажува дека сообраќајните полициски службеници годинава вршеле контрола, секој трет ден во годината, но бројката се однесува на општините Велес, Неготино и Кавадарци. Само изречените 482 казни се однесуваат на возачи кои биле санкционирани во Велес. И ако оваа бројка се подели со вкупниот број на денови во годината тогаш статистиката покажува дека полицијата пишувала по една казна дневно.
На прашањето на Дума.мк дали полициската станица има доволно човечки ресурси за да одговори на барањето на граѓаните за физичко присуство на полициски службеници на најчувствителните локации, околу училиштата, додека трае наставата, од СВР Велес одговорија дека постапувале согласно расположливите ресурси,
„СВР Велес патролно како и преку позорна дејност ги покрива локациите околу сите основни и средни училишта во текот на денот и редовно, на дневна основа, има задолжено полициски службеник за контакт со директорите на соодветните училишта со цел решавање на проблеми од безбедносен карактер и навремено алармирање за евентуални девијантни појави во училиштата и училишниот двор. Паралелно, почнувајки од месец март, до денес, по два пати во неделата, се реализираат акциски контроли пред сите училишта на подрачјето на секторот,“ одговорија од полицијата.
Земајќи ги во предвид постираните коментари на граѓани кои живеат на улицa „Андон Шурков“, во делот пред „Брако“, во кои пишуваат дека постојано се изложени на јака бучава од возила кои брзо возат, се натпреваруваат или моторциклисти кои во место ги „загреаваат гумите“ Дума.мк побара одговор и на овие прашања.
„Што се однесува до присуството на полициски службеници и контроли на оваа улица, СВР Велес ве информира дека на дневна основа функционуираат помеѓу три и четири патролни тимови кои повремено се поставени на различни локации на горенаведената улица, одговорија од СВР Велес.
И додека полициската станица во Велес вака одговара за состојбата со безбеднсоста на граѓаните, пешаци во сообраќајот, во градот сеуште не е решен безбедносниот проблем на жителите во населбата Долни Дуќани. Тие најмалку една деценија се упорни во барање на изградба на тротоар во делот на улицата, пред градските скривници, која е главна сообраќајница и пат што се смета за јужен излез од Велес.Таму на најмалку 200 метри пешаците се движат по коловоз, во двата правци.
Убавка Јаневска