Велешани со нови поплаки за просторот во кој вадат лични документи, од МВР повторија дека објектот кај „Пожарна“ им бил приоритет
Граѓани на Велес коишто деновиве имаа потреба од вадење на лични документи во Отсекот за управни работи Велес реагираат на неадекватните просторни услови во кои се поднесуваат или се подигнуваат новите документи. Граѓаните се жалат на условите кои ги поседува објектот за фотографирање за лична карта, за пасош како и за вадење или промена на сообраќајна дозвола. На дел од нив кои што на пеколните горештини морале да чекаат надвор од зградата до пожарната, по околу 15 минути, за да ја добијат потребната услуга, проблем им претставува затрупаноста на единствената сала за сите видови на услуги што ги издава овој Отсек во Велес на Министерството за внатрешни работи. Дел од нив до Дума.мк испратија и фотографии на кои се гледа состојбата во салата. На предните шалтери се потполнуваат задолжителните документи додека на страничните се добиваат личните документи, од лево сообраќајните дозволи додека од десно пасоши и лични карти. Просторот во кој граѓаните можат да се движат изнесува едвај неколку метри квадратни. Поради ликовите на вработените на фотографиите Дума.мк одлучи да не ги објави јавно.
-Се е претрупано со хартија,обрасци,папки или документи кои тежат над шкафови,во кутии околу работни бироа. И токму меѓу нив требаше да влезам за да ме фотографираат за лична карта. Со други граѓани коментиравме како само во овие услови може да се работи? Службениците не само што работат па тие постојано дишат прашина ако ние со марамче на уста почекавме петнаесеттина минути“, коментираат велешани.
Дума.мк пред пет месеци, по реакција на граѓани, пишуваше за проблемот со просторот во Отсекот за управни работи Велес. Тогаш во текстот со наслов „Обрасци од кои зјаат лични податоци, се достапни за сите граѓани кои вадат нови пасоши,лични карти и возачки дозволи во Велес“, објави дека во преголемата количина на хартија во ходниците и во салата имаше документи од кои се читаа лични податоци на граѓани од Велес, од Чашка и од Градско.
Но и сега состојбата не е многу подобрена. Всушност проблемот според граѓаните го создава тесниот простор. Токму за него повторно го прашавме Министерството за внатрешни работи дали во меѓувреме пронајде решение. Од таму одговорија:
„Почитувани, oд страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР извршени се непосредни проверки и собрани се потребни известувања од Одделот за општи и заеднички работи како надлежна организациска единица за одржување, изградба и реконструкција на објектите во МВР, од каде е добиено известување дека реновирањето на објектот каде е сместена просторијата на Отсекот за управни работи Велес е поставен како еден од стратешките приоритети на Министерството за внатрешни работи.“
Во ставот на МВР нема конкретни рокови или најави за скоро решавање на состојбата со просторот и документите во Отсекот за управни работи во Велес.
Убавка Јаневска