Велешки средношколци во посета на техничко училиште во Србија: Заедничка обука и нови искуства

Ученици и наставници од Државното средно училиште Регионален центар „Коле Неделковски“ од Велес минатата недела реализираа неколкудневна посета на Техничката Школа во Власотинце, Србија. Станува збор за едукативна размена што е дел од заеднички проект поддржан од регионалниот Челинч Фонд за иновации.
Во рамките на посетата, ученици од електротехнички и машински струки од двете училишта учествуваа во практични работилници, демонстрации и следење на наставни активности. Тие имаа можност и да ја посетат лабораторијата и работилниците на Машинскиот факултет во Ниш, како и една компанија што работи во техничкиот сектор.

Наставниот кадар од Велес изрази задоволство за споделувањето на искуствата со колегите од Србија. Од училиштето потенцираат дека учениците се вратија мотивирани и со желба за унапредување на практичната настава во нивното училиште, особено по увидот во современата опрема со која располага Техничката Школа во Власотинце.
Професорот Горан Бузалковски посочи дека велешкото училиште е во почетна фаза на реализација на истиот проект, со кој ќе се изврши целосно реновирање и опремување на машинската работилница. Планот е до септември работилницата да биде опремена со најсовремени ЦНЦ машини и алати за заварување, за што се обезбедени средства во висина од околу 500 илјади евра.

Во текот на посетата, ученикот Давид Николов освои признание на натпревар за симулација на заварување користејќи напреден тренажен апарат со повеќе опции за различни типови на заварување. Неговата соученичка Виолета Влахчева, пак, која се обучува за електротехничар со компјутерска технологија, сподели дека се запознала со специјализирани наставни табли за мерење отпор, напон и поврзување на електрични кола.
Во септември, се очекува српските ученици и професори да ја возвратат посетата и да го посетат велешкото средно училиште, каде ќе продолжи соработката преку заеднички обуки и практична настава.
Стефани Манева
