(Видео) Спасовски од Велес: Откривачката активност, на СВР Велес за вкупниот криминалитет, бележи зголемување за 11%

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како дел од проектот „Отворен кабинет“, е во Секторот за внатрешни работи во Велес. Спроведувајќи го концептот „МВР за граѓаните“, Спасовски, лично и непосредно ги слушаше мислењата на граѓаните како полицијата може да придонесе за поголемо спокојство на секој поединец и неговата безбедност во општина Велес.
Во изјава за медиумите министерот информираше дека утринава остварил работна средба со раководството на СВР Велес на која бил запознат со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Велес. На средбата биле соопштени состојбите со криминалитетот, како и активностите кои ги преземаат полициските службеници во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција.
„Согласно презентираните показатели, безбедносната состојба на ова подрачје е поволна, што е особено важно за локалната заедница, но и во рамки на генералната безбедносна оценка за државата. Вкупниот криминалитет на подрачјето на СВР Велес во изминатите девет месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 3%. Откривачката активност, кога зборуваме за вкупниот криминалитет, бележи зголемување за 11% во првите девет месеци од оваа година споредбено со истиот период лани. Во делот на тешките кражби, во текот на 2023 година имаме намалување на овој вид пријавени кривични дела за 28%, споредбено со истиот период 2022 година, а намалување за 57% бележиме и во делот на економскиот криминал. Покрај ова, за 17% се намалени прекршоците во 2023 година во делот на јавниот ред и мир компаративно со деветте месеци од 2022 година. Исто така, во однос на безбедноста на сообраќајот, со задоволство можам да констатирам дека евидентирано е намалување за 3% на сообраќајните несреќи со потешки последици, а само во првите 9 месеци од оваа година реализирани се 783 превентивни активности на различни теми на подрачјето на СВР Велес”, информираше министерот Спасовски, со уверување дека и во наредниот период на ова подрачје ќе продолжи зголемената динамика, како на превентивните активности, така и на репресивните мерки, а средбите со граѓаните во рамки на „Отворен Кабинет“ ќе бидат мотив повеќе за уште подобри резултати,“ додаде Спасовски.
Министерот, исто така, информираше дека попладнево заедно со раководство на СВР Велес ќе направат увид на активностите што ги вршат полициските службеници на терен.
Убавка Јаневска
