Вкупно 36 статии за климатски промени напишаа 14 ученици и ја уредуваа Википедија на македонски јазик
Дваесет и седум граѓани од кои дел членови и поддржувачи на Викимедија МКД, ученици од Вики клубот во Велес како и членови на клубот Вики Сениор беа дел од работилница на тема „Клима и климатски промени“ одржана во медијатеката на велешката библиотека „Гоце Делев“. Работилницата е дел од серија настани и активности посветени на климатски промени и содржела теоретски дел со предавања како и практичен дел посветен на активно придонесување на Википедија со преведување на статии за клима и климатски промени.
Координаторот на работилницата Лили Арсова, којашто е член на извршниот одбор на Викимедија МКД ги напомена нивните активности и додаде дека оваа работилница се прави со цел подигнување на свеста кај граѓаните.
-Во програмата „ГЛАМ“ Викимедија МКД оваа година, како и изминатите, има тематски
карактер. Активностите од оваа програма се посветени на подобрување на постоечката и создавање нови содржина на Википедија на македонски јазик и нејзините сродни проекти на
тема „Клима и климатски промени“. Викимедија МКД ги следи актулените заложби на
пошироката околина и светски движења и дава свој придонес кон глобалната цел на
зададената тематика, додаде Арсова.
На работилницата воведно предавање одржа Олгица Наумоска, вработена во здружението „Вила Зора” која се осврна на климатските промени и нивната улога во екосистемот и
начините за заштита на животната средина од климатските промени, потоа се обрати и
претседателката на здружението Сашка Коцевска која зборуваше за активностите на
здружението во заштитата на животната средина.
Потоа учениците заеднички започнаа да уредуваат и придонесуваат на Википедија на македонски јазик на оваа тема и 14 ученици напишаа вкупно 36 статии, со што Арсова ја категоризира работилницата како многу продуктивна и едукативна.
Инаку, работилницата беше организирана од страна на Викимедија МКД во соработка со Здружението „Вила Зора“ од Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ и ученици од Еколошката секција од ООУ „ Васил Главинов“.
Стефани Манева