Во демиркаписко приведени тројца Турци и двајца Кинези кои работеле на градилиште без пријавен престој
Полициски службеници од Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Југ во содејство со Државен инспектор за труд вчера, во 12:30 часот извршиле контрола на градилиште над село Дрен, демиркаписко. При контролата, на градилиштето биле затекнати тројца мажи, шеесет годишниот А.Р, 47 годишниот С.В и 33 годишниот А.Х од Република Турција за кои се констатирало дека престојуваат нелегални. Тие биле работно нагажирани за фирма од Скопје без да имаат одобрен престој врз основа на вработувањето.
-Поради сомнение за сторен прекршок по член 217 став 1 од Закон за странци лицата биле приведени во Полициската станица за граничен надзор Михајлово, соопштуваат од Министерство за внатрешни работи.
Петнаесет минути подоцна, на земјен пат од село Дрен кон истото градилиште, полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово извршиле контрола и на патничко возило „дачиа дастер“ со скопски регистарски ознаки.
-Возилото било управувано од С.Ц.(34), а сопатник бил М.З.(28), двајцата од Народна Република Кина. Притоа, било констатирано дека двајцата немаат пријавено престој во државата, односно постапиле спротивно на член 190 став 3 од Законот за странци. Тие, исто така, биле приведени во Полициската станица за граничен надзор Михајлово, додаваат од МВР.
Против турските и кинеските државјани поднесено е Барање за поведување на прекршочна постапка а од Основен суд Неготино изречени им биле глоби од по 200 евра и мерка за доброволно враќање во рок од седум дена.
Дума.мк